УМС на ВМРО-ДПМНЕ со спортски активности на Светскиот ден за борба против пушењето

Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ по повод Светскиот ден за борба против пушењето, денеска организира низа спортски активности и натпревари, со цел да се истакнат здравствените придобивки од здравиот начин на живеење и штетноста на пушењето.

-Денес по повод Светскиот ден против пушењето, како Унија на млади сили тука во Кампот на демократијата заедно со Чуварите на демократијата ќе организираме низа на спортски активности под мотото „Остави цигара, приклучи се кон спортот“ со кое ќе се обидеме на еден начин да им укажеме на сите млади луѓе повеќе да спортуваат, да ги остават цигарите и едноставно да го прифатат спортскиот начин на живот, истакна Владимир Нелоски, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека на секои два часа ќе се организираат различни турнири и натпревари помеѓу младите луѓе, но воедно ќе има и предавања за здравиот начин на живот и спортување, како и за штетноста на цигарите.

Како што додаде Нелоски, во текот на целиот денешен ден пушењето ќе биде забрането за сите присутни.

Во светот има над 1,1 милијарда пушачи, од кои 200 милиони се жени.

Во Република Македонија се регистрирани околу 700.000 пушачи, а годишно се трошат 11 тони цигари или 5, 5 килограми тутун по глава на жител.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.