Унапредена соработка на земјите од регионот во случај на природни катастрофи

Република Македонија е активен придонесувач во напорите за подобрување на безбедноста во регионот и пошироко. Како земја кандидат добивме шест препораки за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и континуирано придонесуваме во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“ – рече министерот Јолевски во своето воведно обраќање на денешното отворање на четвртата меѓународната вежба „ИПА КАМПЕКС 2015“ која се одржува во Македонија.

Министерот Јолевски истакна дека ризиците по безбедноста, животите на граѓаните, материјаните добра, немаат само воена природа, туку тие може да бидат и од природни непогоди, катастрофи и несреќи и можат да бидат поразорувачки и потешки. Овие закани не признаваат граници меѓу државите.

На изминатите неколку состаноци на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба, се обврзавме да развиваме и заеднички регионални капацитети и способности за справување со вонредните состојби од невоена природа. Научените лекции и искуства ни покажаа дека регионалниот заеднички одговор на вонредните состојби е правиот одговор и најлесно може да се надминат сите предизвици со кои се соочуваме при вакви големи природни катастрофи.  Токму затоа Република Македонија континуирано се залага за координација и за развој на капацитети и способности за справување со вонредните состојби од невоена природа како на национална, така и на регионална основа – рече министерот Јолевски.

Државниот секретар во министерството за одбрана на Словенија, Милош Бизјак истакна дека особено му е драго што тимови од сите седум ИПА земји партнери од регионот и два конзорциски тима партиципираат на оваа вежба, чија цел е да се помогне навремено и ефективно во моменти на вистинска катастрофа.

Амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Аиво Орав рече дека овој настан кој е дел од регионалната програма и кој има за цел да ги приближи земјите од Западен Балкан во процесот на интеграција во делот на цивилна заштита ги претставува фундаменталните вредности на Европската унија, соработка и солидарност во справувањето со последиците од ваквиот тип на катастрофи.

Вежбата „ИПА КАМПЕКС 2015“ која се одржува од 17-19 јуни има за цел да ги провери и унапреди постоечките процедури за давање и примање на меѓународна помош во случај на големи катастрофи, со фокус на воспоставување и менаџирање на камп за внатрешно раселени лица во случај на катастрофален земјотрес.