Унапредување на соработката и покренување на нови иницијативи за продлабочување на истата

Вчера во рамките на првиот ден од Самитот на НАТО што се одржува во Кардиф, Обединетото Кралство, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски оствари билатерални средби со своите колеги од Албанија, Мими Кодели, од Унгарија, Чаба Хенде, од Хрватска, Анте Котромановиќ, од Словачка, Мартин Глвач и од Литванија, Јуозас Олекас. Покрај овие средби, министерот Јолевски на маргините на состанокот на министри за одбрана посветен на Иницијативата за интероперативност, оствари средба и со српскиот и босанскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ и Зекирја Осмиќ.

За време на средбите се дискутираше за унапредување на соработката и покренување на нови иницијативи за продлабочување на истата. На состаноците со албанскиот и хрватскиот министер за одбрана беше истакнато дека регионалната соработка е многу значајна и истата е потребно да продолжи, за побезбеден регион и регион без граници. Особен интерес имаше на полето на креирање на заеднички сили кои ќе бидат подготвени да одговорат во кризни ситуации, како што се поплави, пожари и други елементарни непогоди.

DSC_0088--

На средбите со останатите министри за одбрана беше разговарано за нови идеи на полето на соработката, во делот на заеднички вежбовни активности помеѓу армиите, едукацијата на цивилниот и воениот персонал особено размената на питомци. Во ова прилика, министерот за одбрана на Унгарија, Чаба Хенде, упати покана до нашиот министер да дојде во посета на Унгарија.

Севкупнато мислење на министрите за одбрана е дека со приемот на Република Македонија во НАТО, не само што ќе ја потврди стабилноста на регионот, туку и ќе придонесе другите земји аспиранти да продолжат да работат на исполнување на критериумите за што поскоро членство.