УНЕСКО: Да престане варварското уништување на ирачкото културно наследство

Генералниот директор на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) Ирина Бокова денеска го критикуваше варварското уништување на ирачкото културно наследство на местата кои се под контрола на екстремисти на групата Исламска држава, објави МИА.

Ирак има над илјада храмови, згради, археолошки места и предмети кои претставуваат богатство за целото човештво, ијави Бокова за време на посетата на Багдад.

– Не можеме да прифатиме ова богатство, ова наследство на човечката цивилизација, да се уништува на најварварски начин, изјави таа.

Бокова нагласи дека нема време за губење бидејќи екстремистите се обидуваат да го избришат идентитетот, како и дека знаат дека без идентитет, нема сеќавање, нема историја, додавајќи дека такво нешто е застрашувачко и неприфатливо.

Џихадисти од ИД по воената офанзица заземаа поголем дел од Ирак и спроведуваат уништување на места кои ги сметаат за еретички. Припадници на групата уништуваат светилишта, црква и вредни ракописи во Мосул, Тикрит и други делови од Ирак.