УНЕСКО: Неписменоста е глобален проблем, 774 милиони возрасни се неписмени

Актуелниот извештај од УНЕСКО за образованието во светот укажува на поразителни бројки. Сите деца треба да имаат пристап до бесплатно образование. Тоа е една од најзначајните цели на програмата „Образование за сите“.

„Дојче Веле“ пишува дека како што се наближува 2015-та година, така станува се’ поизвесно дека тешко можат да се остварат образовните цели кои си ги постави меѓународната заедница.

Бројките во извештајот на УНЕСКО, кој беше претставен денеска во Адис Абеба, се поразителни – 57 милиони деца во светот не одат во училиште. Неписмени се 774 милиони возрасни лица. Најчесто тоа се жени и млади девојки од рурални краеви во неразвиените земји.

„Сметаме дека и по 2015-та година ќе мораме да продолжиме да работиме на целите кои си ги поставивме“, вели за „Дојче  Веле“ Полин Роуз, која од 2011-та година е надлежна во УНЕСКО за извештајот за образованието во светот.

Декларациите со целите, кои беа донесени во 2000-та година на Светскиот форум за образование во Дакар, звучеа многу оптимистички. Тогаш 164 земји се обврзаа дека ќе реализираат шест големи образовни цели, како охрабрување на децата на рана возраст и овозможување што повеќе деца да посетуваат основно училиште, намалување на стапката на неписмени и изедначување на образовните можности за мажите и жените.

За да се има преглед во исполнетите цели зададени пред 14 години, УНЕСКО од независен тим бара редовно во секоја поединечна земја да испита како стојат работите со тие шест главни цели.

„Постои напредок, посебно во областа на пристапот до образованието“, укажува за „Дојче Веле“  Барбара Малина од германската комисија на УНЕСКО за образование. Таа вели дека од 2000 година посебно е засилено подрачјето на претшколското образование. Значителни придвижувања се забележани во многу земји и во основното образование.

„Бројот на деца во светот кои не одат во основно училиште, во однос на 2000-та година, се преполови“, додава Малина.

Меѓутоа, најголем дел од овие напредоци се забележани пред се’ во првите години по Светскиот форум за образование во Дакар. Оттогаш стагнира развојот во многу важни подрачја.

„774 милиони луѓе во светот се неписмени, а две третини од нив се жени“, забележува Роуз. Тој број од 1990-та година се смали за 12 проценти, а од 2000-та само за еден процент – значи, токму од годината кога е започната програмата ’Образование за сите’“. Роуз констатира дека резултатите во тоа подрачје се најлоши.

Во извештајот на УНЕСКО, како причина зошто најголем дел од земјите се далеку од остварување на поставените образовни цели, се наведува недостатокот на наставници и квалитетот на наставата.

Потенцираат дека е во пораст на бројот на деца кои не одат во основно училиште.

„250 милиони деца ширум светот не ги совладале основите на читањето, пишувањето и сметањето, иако половина од нив четири години посетувале училиште“, појасни  Барбара Малина. Овој алармантен заклучок во извештајот посебно важи за Африка.

За сите деца на светот да добијат основно образование до 2015-та година би морале да се вработат уште 5,1 милион наставници.