Унгарија и Чешка демантираат дека постигнале договор со Германија за имигрантите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги демантираше во саботата извештаите дека Унгарија е една од 14-те земји коишто се подготвени да потпишат договор со Германија за забрзување на процесот на реадмисија на барателите на азил депортирани од Германија, а чешкиот премиер Андреј Бабиш , исто така, категорично ги отфрли вестите дека меѓу споменатите држави е и Чешката Република.

Во изјавата за новинската агенција MTI, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека споменатите извештаи се „вообичаен политички блеф“, како и дека договор за прифаќање на барателите на азил со Берлин не е потпишан.

Германската канцаларка Ангела Меркел и претседателка на Христијанско-демократската унија (CDU), испратила извештај под наслов „Повеќе ред и правила во миграциската политика: состојба по ЕУ самитот 28/29 јуни“ на коалициските партнери Христијанско-социјалната унија (CSU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD). Во извештајот се наведува дека 14 земји членки на ЕУ искажале дека се подготвени да потпишат договори со Германија за прием на баратели на азил кои претходно веќе биле регистрирани во нивните земји. Меѓу тие земји се наведени и некои кои изминатиот период беа најгласните во противењето на имигрантската политика на отворени врати на германската канцеларка, вклучително и Унгарија и Чешка.

И портпаролот на Орбан, Бералан Хаваси рекол за MTI дека ставовите на Унгарија за имигрантите не се променил од 2015 година, како и дека ниеден барател на азил не може да влезе во Унгарија откако веќе влегол во Грција или во друга земја членка на Европската унија.

Покрај Орбан, и чешкиот премиер Андреј Бабиш демантираше дека Чешка е меѓу 14-те земји коишто ѝ ветиле на Германија и на канцеларката Меркел дека ќе прими беглаци кои азил барале во некоја друга земја, иако претходно во саботата во текот на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон ги поздрави постигнувањето на договорот на самитот, како што пренесе Reuters.

„Никакви разговори меѓу Чешка и Германија за тоа не се одржани, а мојата влада не планира да се вклучи во договор кој би значел систематско прифаќање на илегалните имигранти. Сметам дека тоа се вести коишто шират паника и се целосна бесмислица“, рече Бабиш , пренесуваа чешките медиуми.

Бабиш иронично коментираше дека досега мислел дека постојат само „руско лажни вести“, но дека се чини оти има „германски лажни вести“.

Одлуката на Прага да не прима имигранти, Меркел ја „прифати со жалење“, ја цитира агенцијата DPA портпаролката на германската влада.