Унгарија подготвена да подигне ограда по границата со Романија

Унгарија е подготвена „уште утре„ да подигне ограда по границата со Романија, ако мигрантите се пренасочат кон таа маршрута, наместо да минуваат преку Хрватска, изјави синоќа унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

– Јужните граници на Европа остануваат широко отворени за приливот на стотици илјади имигранти од Блискиот Исток и Африка, што ја става под знак прашалник иднината на Шенген системот на отворени внатрешни граници на ЕУ, рече Сијарто.

Тој истакна дека за запирање на приливот на имигранти по морските граници на Грција се неопходни илјадници полицајци и војници од заедничките европски сили.

– Ако не беше трагично, ќе се смеев, слушајќи ги европските претставници да објаснуваат дека неколку стотици соработници на Фронтекс ќе го решаваат прашањето, случајот не е таков, вели Сијарто.

– Ако Грција не сака да учествува во тоа решение, ќе треба да разговараме со Бугарите и со Македонците, додаде тој.

– Постои голема веројатност јужната граница на Шенгенското пространство да стане како северната граница на Грција (со Бугарија и Македонија), вели шефот на унгарската дипломатија.

Сличен став изрази вчера и чешкиот премиер Бохуслав Соботка, според кој ЕУ треба да располага со резервен систем за гранична контрола во случај миграцијата да не биде совладана во Турција и во Грција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.