Унгарија распореди војска долж границата со Хрватска

Унгарски војници и воени возила од утрово се распоредени долж границата на Унгарија кон Хрватска, објави електронското издание на загрепскиот весник „Јутарњи лист”.

Весникот наведува и дека неколку стотини бегалци од Блискиот Исток се наоѓаат во меѓуграничниот појас на ничија земја на границата на Хрватска кон Унгарија и Словенија, додека на српско-хрватската граница е отворен само преминот Бајаково/Батровци каде чекаат колони возила.

ТАСС јави дека вкупно 28 автобуси во последниве неколку дена пренесувале бегалци од хрватска територија во Унгарија, а уште околу илјада други ја минале границата меѓу двете земји со воз.

„Јутарњи лист” тврди дека само во последиве два дена по илегални патишта од Хрватска во Унгарија влегле околу 5.000 бегалци.

Според хрватското Министерство за надворешни работи, од почетокот на бегалската криза во Хрватска пристигнале околу 21.000 имигранти.

Словенија пка информира дека последниве денови од Хравтска на словенечка територија влегле над 2.000 бегалци.