Унгарија задоволна од пресвртот на Туск во врска со имигрантските квоти

Унгарската влада којашто веќе две години се бори против задолжителните квоти во распределбата на имигрантие во земјите на Европската унија изрази во четвртокот задоволство поради тоа што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го промени својот став за тоа прашање кога оваа мерка ја оцени за „неделотворна“.

Во белешката објавена во средата, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск истакна дека расправата меѓу европските партнери за споменатото прашања „се покажа силно конфликтна“, бидејќи барала „несразмерно“ количество енергија, а на крајот се покажала „неделотворна“, според неговата оцена.

„Конечно сериозен европски челник, претседателот на Европскиот совет (…) ја кажа вистината којашто за многумина не беше позната. Задолжителните квоти за релокација (на бегалците) се неефикасни и внесуваат поделби“, изјави во четвртокот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во соопштение.

„Илегалната имиграција мора да се сопре, а не да се организира“, додава Сијарто истакнувајќи дека „задолжителнитр квоти за преместувањето се противат на здравиот разум, на европските закони и на безбедноста на континентот“.

Изјавата на Туск предизвика полемика меѓу европските челници, а претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја оцени како „неприфатлива“, предупредувајќи дека „го поткопува еден од темелните столбови на европскиот проект – начелото на солидарност“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.