Унгарската војска ќе се вклучи во обезбедување на границата од бегалците

Од 15 септември унгарските војници ќе помагаат во обезбедувањето на границата согласно законите, кои треба да бидат одобрени од Парламентот, изјави премиерот на Унгарија Виктор Орбан во Брисел, објави МИА.

Тој предупреди дека Унгарија ќе постави ограда на границата со Хрватска, доколку протокот на бегалците се насочи оттаму.

Од 15 септември всушност ќе биде создаден нов систем за контрола на границата. Парламентот ги усвојува потребните закони. Ќе внесеме измени во законите и во Кривичкиот законик и ќе ја вклучиме армијата во обезбедувањето на границата, рече Орбан по средбата со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Од 15 септември управувањето со границата ќе се извршува со целосно присуство на полицијата и војската, додаде Орбан и нагласи дека оваа мерка е неопходна за да се заштити надворешната граница на ЕУ.

Орбан истакна дека оваа мерка има за цел да им испрати јасна порака на бегалците дека не им се исплати да го почнуваат патувањето до Западна Европа, бидејќи нема да можат да ја преминат границата со Унгарија.

Тој изјави дека повеќето од мигрантите не потекнуваат од зони зафатени со воени конфликти.

Унгарскиот Парламент утре треба да се изјасни за законите, кои се однесуваат на присуството на армијата на границата.

Орбан нагласи дека Унгарија почнува и информативна кампања за да ги убеди мигрантите да не доаѓаат во Европа.

Европа е должна да престане да создава илузија за економските мигранти дека ќе ги прими. Луѓето кои не се бегалци, економските мигранти треба да го слушнат тоа, да сфатат дека не можеме да ги примиме. Нивниот број толку многу се зголеми, на почетокот беа илјадници, потоа десетици илјади, а сега се стотици илјади. Голем број од нив доаѓаат од Пакистан, Бангладеш, Нигерија, Мали со надеж за подобар жиот. Мошне брзо нивниот број ќе се зголеми на неколку милиони, на десетици милиони. Ние сме должни да обезбедиме ефиканска физичка заштита на границата. Ние не треба секого да го пуштаме во Европа, затоа што тоа ќе биде крај на Европа, рече Орбан.

Орбан: Доколку ЕУ не може да обезбеди ефикасна заштита на границата, ќе пропадне Шенгенскиот систем.
Орбан: Доколку ЕУ не може да обезбеди ефикасна заштита на границата, ќе пропадне Шенгенскиот систем.

Тој смета дека доколку ЕУ не може да обезбеди ефикасна заштита на границата, ќе пропадне Шенгенскиот систем.

Орбан истакна дека Европа нема подобро средство за заштита на границите од поставувањето на ограда од бодликава жица, иако како што рече, тоа никој не го посакува.

По разговорите во Брисел со претседателите на ЕП Мартин Шулц, на ЕК Жан Клод Јункер и на ЕУ Доналд Туск сфатив дека ним не им се доапаѓа идејата за ограда на надворешната граница на ЕУ во Унгарија и покрај тоа што немаат подобра идеја. Затоа ги замолив да престанат да ја критикуваат Унгарија, доколку не се способни да и помогнат, рече Орбан.

Тој посочи дека доколку некоја земја од ЕУ, на пример Германија, сака да прифаќа мигранти од Сирија, тогаш таа е должна едноставно да им издаде визи.

Орбан нагласи дека исто така не сака голем број муслимани да влезат во Унгарија.

Сметам дека имаме право да одлучиме дека не сакаме голем број муслимани да дојдат во нашата земја, истакна унгарскиот премиер.