Унгарските компании најзаинтересирани за земјоделството и прехранбената индустрија

Mакедонските и унгарските бизнисмени ќе ја продлабочуваат соработката во земјоделството и прехранбената индустрија. За таа цел денеска во Скопје се одржува Македонско – унгарски бизнис форум на кој ќе бидат презентирани можностите за развој на соработката пред македонските компании, пренесува МИА.

Во првиот квартал на годинава извозот од Унгарија кон Македонија е пораснат за 25 проценти, а од македонска страна за 48 проценти.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија пред почетокот на бизнис форумот нагласи дека минатата година соработката е на ниво на 102 милиони американски долари.

– Имаме дефицит во размената со нив, но се трудиме тоа да го надминеме. Сепак имаме зголемување во однос на 2013 година што не охрабрува дека во делот на анимирање на компаниите, размената на искуства и учеството на саемите ќе допринесе во следниот период да имаме подобри резултати, изјави тој.

Според унгарскиот амбасадор Јожеф Бенце, соработката е подобрена на повеќе полиња, но најголем интерес сепак има за земјоделството и прехранбената индустрија.

– Разговаравме со Стопанската комора на Македонија за тоа да се потпише договор за соработка со Унгарската национална аграрна комора. Би сакале да настапиме на саемот Агрофуд во Скопје со што поголем број унгарски производители, а ги поканивме и македонските фирми од областа на земјоделството да учествуваат на Саемот за храна во Будимпешта што ќе се одржи во септември, рече Бенце.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.