Унгарско-македонски бизнис форум во Будимпешта

Македонска делегација предводена од министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, учествува на унгарско- македонски бизнис форум во Будимпешта, Република Унгарија кој е организиран во соработка со националната унгарска трговска куќа „Hungarian National Trading House“, со поддршка на македонската амбасада во Унгарија и промоторот на Република Македонија задолжен за Полска, Унгарија и Чешка. На форумот како дел од македонската делегацијата учествуваат и министерот без ресор, Фуркан Чако и заменик министерот за економија, г-дин Христијан Делев.

Министерот Павлески во своето обраќање ги презентираше можностите за инвестирање, како и поволната бизнис клима во Република Македонија, истакнувајќи дека во последните години економската соработка меѓу двете земји интензивно се зајакнува. Министерот Павлески, во рамките на форумот, оствари средба со заменик министерот за трговија и надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто кој истакна дека отворањето на Унгарската трговска куќа во Скопје во јули оваа година не е случаен избор, туку резултат на тоа дека Унгарија ја гледа Македонија како центар за развивање на бизнисот на унгарските компании во регионот. Министерот Сијарто нагласи дека претставништвото на Унгарската трговска куќа во Македонија е единствена на Балканот.

Министерот Бил Павлески оствари средби и со претставници на унгарски компании од автомобилската индустрија и производство на земјоделски машини и опрема, од секторот за енергетика, земјоделие и други.

Во текот на денот македонската делегација е предвидено да оствари средби и со претседателот на Стопанската комора на Унгарија и претседателите на Турско – унгарскиот комитет и Комитетот за Западен Балкан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.