УНХЦР бара Србија и Унгарија да најдат решение за бегалскиот камп кај Хоргош

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска ги повика Србија и Унгарија да најдат решение за мигрантите сместени во дивиот бегалси камп на границата меѓу двете земји кај преминот Хоргош.

Мигрантите остана заглавени на српската страна од границата кон Унгарија, по одлуката на ЕУ за затворање на балканската бегалска рута.

Претставникот на УНХЦР во Србија, Ханс Шордер, кој денеска го посети бегалскиот камп кај Хоргош, изјави дека во шаторите распоредени крај оградата што ја подигна Унгарија долж граничната линија за да спречи илегелен премин на мигрантите, се сместени околу 300 лица, меѓу кои има и цели семејства со деца.

– Некои од нив се тука со недели без тоалети или вода за миење, чекајќи помош од хуманитарните организации, кои им делат храна и вода за пиење. Ваквата состојба во никој случај не е добра, изјави Шодер.

Тој ги повика владите во Белград и Будимпешта да најдат решение за проблемот и да не ги остават бегалците да живеат во вакви услови.

Според податоците на УНХЦР, Унгарија на своја територија дневно пропушта по околу 20-тина мигранти од кампот и тоа пред се семејства со мали деца.

Српскиот министер за социјална политика Александар Вулин, кој го придружуваше Шодер на Хоргош, изјави дека властите на Србија ќе се обидат да ги убедат мигрантите да се префрлат во транзитните бегалски центри, од каде можат да поднесат барање за влез во Унгарија.

– Ова е државна гранична зона и не е можно да се престојува тука со шатори, рече Вулин.

Како што јави Танјуг, Вулин нагласи дека и покрај ваквата состојба, српските власти нема да применат сила за да ги натераат мигрантите да се дислоцираат од граничната зона.