УНХЦР: Бројот на бегалци и внатрешно раселени лица на рекордно ниво

Бројот на бегалците и внатрешно раселени лица во 2014 година бил на рекордно ниво 59,5 милиони луѓе, што е за 8,3 милиони повеќе отколку во 2013 година. Тоа се наведува во извештај на УНХЦР.

Минатата година секој ден во просек 42.500 луѓе биле принудени да ги напуштат родните места. Русија е на прво место во светот по адресирани до властите молби за азил – речиси 275 илјади во 2014 година, се вели во документот.

Високиот комесар на ОН за бегалци, Антониу Гутериш истакна дека хуманитарните организации се немоќни да се справат со ситуацијата.

– Немаме можности, ресурси за сите жртви во конфликтите.Очекуваме зголемен број раселени лица и бегалци во крајот на годината, изјави тој.

Бројот на бегалци се зголемува особено по 2011 година заради сирискиот конфликт. Во Сирија има 7,6 милиони внатрешно раселени и 3,88 милиони бегалци до крајот на 2014 година. Авганистан  2,59 милиони бегалци и Сомалија вкупно 1,1 милиони бегалци.

Во 2014 година само 126.800 бегалци успеале да се вратат во сопствениот регион – тоа е најниска цифра во изминатите 31 година.