УНХЦР: Потребни се големи прифатни центри за бегалци во Европа

Предлогот на Европската унија да прими 160 илјади бегалци наиде на топол поздрав од Обединетите нации кои го оценија предлогот како чекор во вистинска насока.

Воедно од Обединетите нации велат дека во граничните земји како Грција Италија и Унгарија итно треба да бидат отворени големи прифатни центри.

– Европските земји треба да ги почитуваат националните и меѓународните закони при управувањето со границите, почитувајќи го правото на луѓето да бараат азил и заштита од војни и измачувања, се вели во соопштението на Високиот комесаријат за бегалци на ОН.

– Според нашите претходни оценки потребите се уште поголеми, но сега вниманието треба да биде насочено кон тоа сите земји-членки да учествуваат во таа иницијатива и брзо да ја спроведат, се додава во соопштението.

Уште милион Сиријци можат да станат бегалци и да се упатат кон Европа, доколку не биде ставен крај на војната, предупреди регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Питер Салама.

– Постои можност уште милиони и милиони бегалци да ја напуштат Сирија и да се упатат кон Европската унија и други места, изјави тој и додаде дека околу осум милиони лица се раселени во самата Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.