УНХЦР предложи план за решавање на бегалската криза

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) им предложи денеска на шефовите на земјите членки на ЕУ план од шест точки за решавање на бегалската криза, предупредувајќи дека ситуацијата драстично се влошува во Грција, каде се „заробени“ околу 30.000 луѓе, пренесува МИА.

Предлогот на УНХЦР вклучува и воспоставување центри на ЕУ во секоја држава членка, кои треба да „преземат одговорност во име на цела Европа за регистрација на луѓето и нивно распоредување според договорениот систем“, изјави во Женева портпаролката на Агенцијата на ОН, Мелиса Флеминг.

Околу 400.000 сириски бегалци во Турција ќе бидат преселени во други земји

Истовремено, високиот комесар за бегалци Филипо Гранди побара 10 отсто од сириските бегалци да се распоредат ширум светот во следните три месеци. Тој изрази надеж дека овој предлог ќе биде потврден на конференцијата на 30 март.

Врховниот комесаријат на ОН за бегалци соопшти дека 400 илјади сириски бегалци кои се во Турција, треба да бидат раселени во светот за да се помогне во намалувањето на притисокот врз таа држава.

Директорот на европскиот офис на УНХЦР, Венсан Коштел вели дека бегалците може да бидат распределени во следните две години и ги повика Европа, Русија и САД да се ангажираат многу повеќе.

Над два милиона бегалци главно Сиријци, се во моментот во Турција.

Коштел изјави дека само 7.500 бегалци се раселени од Турција во други држави во изминатата година.