Уницеф: Македонија е втора по смртност кај новороденчињата во Европа

Во Македонија едно од 120 новороденчиња починува во периодот до 28 денови од раѓањето, а со тоа земјата е на 105-то место од вкупно 184 земји, во светот, покажува извештајот на УНИЦЕФ. Земјава, според податоците на УНИЦЕФ е втора по смртност кај новороденчињата во Европа, по Молдавија со што котира полошо и од сите соседни земји.

 

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс истакнува дека во земјава има одлични здравствени работници, но треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат.

Перкс вели дека во изминативе неколку години, акцентот бил ставен врз реновирање и опремување, но според него најважен е човечкиот капитал и системите кои му помагаат да се развива и да им служи на граѓаните најдобро што може нудејќи им грижа што ја заслужуваат.

Според податоците со кои располага УНИЦЕФ, во Македонија речиси секоја четврта жена пуши за време на бременоста, што го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување.

На глобално ниво, најлоша е состојбата со смртноста на новороденчињата во Пакистан, каде умира едно на 22 новороденчиња, а најдобро пласирана е Јапонија со само еден смртен случај од 1.111 новороденчиња.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.