УНИЦЕФ: Над милион деца имаат потреба од помош

Околу милион деца имаат потреба од итна хуманитарна помош по разорниот земјотрес во Непал во кој имаше околу 3.200 жртви, соопшти денеска УНИЦЕФ.

– По потресот што го погоди Непал илјадници деца и нивните семејства спијат на отворено и постои опасност од ширење на болести, соопшти специјализираната организација на Обединетите нации. Најмалку 940.000 деца кои живеат во зоните погодени од потресот во Непал имаат потреба за итна хуманитарна помош пренесува Фена.

Поради недоволно количество на вода за пиење и санитарни објекти децата се изложени на болести кои се шират низ воздухот, додека некои деца се одвоени од своите семејства.

УНИЦЕФ наскоро планира да мобилизира тимови и да испрати два товарни авиона хуманитарна помош, меѓу кои ќе има лекови, шатори и прекривки.