Унија на средношколци: Протестите се со политичка заднина

Унијата на средношколци на Македонија не го оправдува учеството на протести од средношколци, зашто со МОН веќе постигнале договор математиката да не биде задолжителен предмет на државната матура.

Тамара Василева од Унијата денеска изјави дека Средношколскиот пленум е нелегитимна и неформална организација со политичка позадина која ги манипулира учениците заради оставрување политички цели и интереси и дека за таа цел вчера со автобуси носела ученици на протестот во Скопје.

– Упатуваме апел до соучениците, не наседнувајте на манипулации затоа што за неодење на настава, бојкот на образовниот процес, небезбедно патување во автобуси, без знаење и дозвола на родители,  последиците ќе ги сносите директно вие, а не оние кои се кријат зад вас. А на нив, им порачуваме – тргнете ги рацете од средношколците. За политиката нема место во нашите училници, рече Василева.

Унијата на средношколци одлучила денеска да достави претставки до Народниот правобранител и до Првата детска амбасада „Меѓаши“, кои се грижат за правата и заштита на децата.

На новинарско прашање зошто сметаат дека протестот бил со политичка заднина, таа одговори дека се иноформирани оти протестите ги финансирала опозицијата и Сорос.