Уништен храмот Бел во античка Палмира

Сателитски снимки потврдуваат дека главниот храм Бел во античкиот град Палмира, во северниот дел на Сирија, е уништен.

Претходно е објавено дека храмот Бел во Палмира, кој е под контрола на џихадистичката група Исламска држава (ИД), е миниран.

Шефот на сириското Одделение за антиквитети и музеи Мамун Абдулкарим вчера изјави дека основната структура на храмот, кој е стар околу 2.000 години, останала недопрена.

Меѓутоа, сателитските снимки на агенцијата ОН/УНОСАТ, која се занимава со помош на хуманитарните организации преку анализи на фотографии од вселената, покажале дека на оваа локација всушност повеќе нема ништо.

За жал, според снимките кои ги добивме, можеме да заклучиме дека главната зграда на храмот е уништена, истакна денеска шефот на УНОСАТ, Ејнар Бјорго, додавајќи дека освен зградата уништени се и неколку околни столбови.

Минатата недела беше потврдено дека е уништен храмот Бал Шамин во Палмира.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.