Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ќе соработува со јапонскиот Институт за наука и технологија од Нара

Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ проф. Нинослав Марина и претседателот на Институтот за наука и технологија од Нара, проф. Наотаке Огасавара денеска во Јапонија потпишаа договор за соработка на двете институции.

Договорот е потпишан во рамките на посетата на ректорот Марина на Институтот од Нара, а со него се предвидува интензивирање на научната соработка помеѓу институциите потписнички, особено во насока на трансфер на знаења и технологии и соработка при реализација на научни проекти.

Институтот за наука и технологија од Нара е помеѓу водечките високообразовни институции во Јапонија со силен фокус врз истражувачката работа и импресивни резултати во остварувањето на приходи од продажба на патенти. Меѓународната соработка и поттикнувањето на истражувачката работа заземаат централно место во рамките на мојата програма, оттука сметам дека соработката со Институтот за наука и технологија од Нара нуди големи потенцијали и јас искрено сè надевам дека ќе ги искористиме на најдобар можен начин во интерес на развој и подигање на реномето на Универзитетот „Св. Апостол Павле, изјави ректорот Марина по потпишувањето на документот.

Покрај склучувањето на договорот за соработка, во рамките на неколкудневниот престој, ректорот Марина ќе одржи повеќе предавање и ќе има можност одблиску да се запознае со структурата, истражувачките капацитети и актуелните научни проекти на Институтот за наука и технологија од Нара.