Македонија

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележа патрониот празник

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележа патрониот празник

Со молебен пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“, со кој началствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, скопскиот универзитет го почна чествувањето на патронатот.

Делегации од факултетите и институтите на УКИМ положија цвеќе пред споменикот во универзитетскиот кампус во Скопје.

„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес прославува 65 години од неговото основање. Денес факултетот е една голема академска заедница од 24 факултети, 5 научно-истражувачки институти и 5 придружни членки, со повеќе од 3.300 вработени и 60 илјади студенти. Ова е единствен универзитет во Македонија, каде студентите имаат избор да се запишат на повеќе од 500 наставни програми“, истакна ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски апелираше, Универзитетот да продолжи да се реформира и да ги спроведува активностите во насока на зголемување на прифатливоста и интересот за организираните програми на секој од факултетите кој е составен дел на „Св. Кирил и Методиј“.

„Навистина сметам дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Македонија со право го носи приматот на најдобро рангиран Универзитет, тоа го покажуваат и рангирањата кои се спроведуваат од страна на Шангајскиот институт. Сметам дека тоа е дополнителна потврда за овој Универзитет и очекувам во следниот период со многу поголем интензитет да се спроведуваат сите програми, кои во најголем дел ќе им овозможат зголемена конкурентност и можност на студентите да обезбедат што поголем број на работни места“, истакна Ристовски.