„Употребата на сигурносен појас – шанса да се преживее” – РСБСП со трибина во Битола

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, започна со реализација сетот на трибини, насловени како „ Животот е во твои раце – вози одговорно“.

Вчера вечер, караванот на РСБСП ја посети Битола.  Трибината се одржа во домот на културата и пред преполна сала се дискутираше на темата „Употребата на сигурносен појас – шанса да се преживее“. На оваа трибина беа присутни претставници на општина Битола, експерти на темата сообраќај и трауматологија.

Настанот го отвори Претседателот на РСБСП, г-дин Стојче Стаменковски, кој апелираше до секој од присутните да ги пренесе заклучоците до уште најмалку еден човек, со што ќе ја разбудат свеста кај граѓаните и ќе се зголеми безбедноста во сообрајќајот.

rsbsp-2

Претседателката на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП), проф. д-р Верица Данчевска, во својата презентација, симболично наречена „ клик-клик “ (според звукот што го прави безбедносниот појас при своето закопчување), ги наведе најчестите причини за кои учесниците во сообраќајот тврдат дека се изговори за не-носење на безбедносен појас . Но сепак, напомена, дека изгубеното време при ставање на појасот или минорното губење на комоција при новото возење не се ништо во споредба со фактот дека безбедносниот појас може да ни го спаси животот при сообрајќајна незгода.

Појасот не е само за возачот или совозачот, туку и за лицата кои седат на задната клупа од автомобилот. Впрочем, според истражувањата, најмногу страдаат тие што седат на задната клупа, токму поради тоа што лекомислено сметаат дека не треба да користат безбедносен појас”-истакна професорот по сообраќајна техника, д-р Зоран Јошевски. Од друга страна, според  д-р Јошевски, не треба да мислиме дека појасот не мора да се носи при управување со возилото при ниски брзини, затоа што токму тогаш појасот може да направи разлика помеѓу живот и смрт. При брзини од 120 или повеќе километри на час , дури и појасот игра мала улога.

rsbsp-3

Претставникот на СВР Битола напомена дека доколку сите учесници во сообрајќајни несреќи носеле појас, бројот на смрти случаи или тешки телесни повреди би се преполовел .

Професор д-р Виктор Камиловски со своето излагање подетално ги истакна траумите кои може да настанат од неносење на појас. Исто така, наведе и запрепастувачки податок дека  во еден ден во светот згаснуваат над 3.500 животи во сообрајќајни несреќи .

По завршувањето на предавањата, беше оставен простор за публиката, која покрај креативните и продорни прашања, даде голема подршка на РСБСП -да продолжи со нивната мисија, т.е. преку зголемување на сообраќајната култура и свест да се намалат ризиците и несреќите кои произлегуваат од несовесното однесување во сообраќајот.