Македонија

Управувачки комитет за кризи: Состојбата е стабилна

Управувачки комитет за кризи: Состојбата е стабилна

Ова е посочено на денешната седница на Управувачкиот комитет за кризи на која портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев рече дека надлежните служби прават се  што е во нивна моќ на централно и на локално ниво за да се надминат предизвиците со кои се соочуваме.

– Веќе е втор ден од неповолниот метеоролошки циклус. Од страна на сите служби кои се на терен, стручните лица и надлежните институции е оценето дека претходната  вечер поминала со помали проблеми од вечерашната. Тоа не треба да  не опушти, напротив и понатаму треба да останеме посветени, рече  Ѓорѓиев на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека надлежните институции и стручните служби ја оценуваат состојбата како генерално стабилна со постоење на сериозни предизвици кои треба да бидат набљудувани и со потенцијал за развој на негативно сценарио.

Нагласи дека се  уште имаат влијание негативните фактори, а тежиштето денеска и во наредните неколку денови, како што рече, од ризик фкторот снег се префрла на  ризик факторот ниски температури.

– Од студеното време може да има одредени предизвици пред се во поглед на здравјето на населението, потоа во снабдувањето со електрична енергија и водоснабдувањето, како и со движењето на лицата и сообраќајот, посочи Ѓорѓиев.

Тој се заблагодари на граѓаните за придржувањето кон дадените упатства за полесно справување со последиците од невремето и побара да продолжи позитивниот тренд во нивното однесување и прифаќање на препораките.  Додаде дека институциите остануваат подготвени во секој  момент да дејствуваат и на секој дел од теренот и да сторат се што е во нивна моќ за да се сведат ризиците на минимум и последиците да бидат надминати во брз временски период. Потсети дека на сила остануваат препораките и законските обврски за движење во сообраќајот и нагласи дека граѓаните кои мора да патуваат тоа да го прават во периодот од денот кога има повисоки температури.

Од страна на ЕВН Македонија, како што рече, биле информирани дека во текот на минатата вечер имале поголем број интервенции во западниот дел од земјава, а во моментов работат на  санирање на проблемите во некои од планинските села во источниот дел од Македонија.

– Таму има отежнат пристап за екипите на ЕВН Македонија, но се на терен, дејствуваат и доколку не се во можност да пристапат со возила во дел од интервенциите одат пешки се со цел да му се излезе во пресрет на населението и да ги санираат предизвиците, рече Ѓорѓиев.

Според податоците на ЕВН Македонија, потрошувачката на електрична енергија за разлика од вчера кога беше повисока за 5 отсто од вообичаеното, денеска е зголемена за 10 отсто.

– Од страна на ЕВН Македонија сме информирани дека зголемента потрошувачка може да влијае на предизвикување на одредени предизвици, посочи Ѓорѓиев и побара од граѓаните рационално да ја користат електричната енергија за да не се предиизвикаат сериозни оптоварувања на мрежата.

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потенцира дека магистралните патишта во земјава и во најголем дел регионалните се проодни во зимски услови и отежнато.

– Според информациите кои ги имаме од регионалните центри за управување со кризи изминатото деноноќие помина релативно мирно и без некои поголеми поблеми… Има места на повисоки надморски височни во некои општини во кои се непроодни патиштата, како во Ранковце, Штип, Струга, Куманово, Чучер Сандево,.. кои и онака вообичаено во текот на зимскиот период се отсечени, рече Вчкова.

Таа посочи дека авионскиот и железничкиот сообраќај се одвива редовно, освен на делот од пругата од Велес кон Кочани каде од синоќа од 21 часот има наноси на снег.

– Меѓуградските линии се одвиваат редовно  со задоцнување од половина час до час, а забрани за сообраќај за тешки возила засега има на планинскиот превој Маврово, но забраните во текот на денот повторно може да стапат на сила, бидејќи од час на час состојбата се менува. На бесплатниот телефонскиот број на ЦУК за итни повици 195 во последното деноноќие имавме 60-тина повици кои во најголем дел беа од инфромативен карактер, рече Вчкова.

Оние осум лица кои синоќа беа завеани во прилепското село Бешиште, нагласи, се извлечени во доцните ноќни часови со помош на моторно возило ангажирано од општина Прилеп и сите се во добра здравствена состојба.

Марија Анастасова од Службата на итната медицинска помош (ИМП) на град Скопје посочи дека во текот на вчерашниот ден имале 148 , а денеска до 15 часот 40 интервенции.

– Имаме зголемен број на повици и интервенции во последното деноноќие, меѓутоа беа вообичаени за зимскиот период. Во периодот од 8 часот вчера до денеска до 8 часот се извршени 148 интервенции, а денеска  од 8  до 15 часот 40 интервенции од кои немаше ни една сообраќајка или фрактури како последица на пад од движење, рече Анастасова.

Тоа, како што истакна, најверојатно се должи на почитувањето на препораките од населението и дека е неработен ден. Прпеорача граѓаните повеќе да внимаваат кога ќе почнат работните денови особено во утринските часови кога одат на работа.

– Доколку граѓаните имаат потреба да извршуваат некакви обврски, тоа да го прават во делот од денот кога температурата е највисока и да ги почитуваат препораките, потенцира Анастасова.