„Уранија“ и „Носталгија“ најдобри угостителски објекти во Скопје

Гостилницата „Носталгија“ и ресторанот „Уранија“, годинава се прогласени за најдобри угостителски објекти. Град Скопје  ја продолжи традицијата и повторно во соработка со Агенцијата „Swot Research“, по седмипат го реализираше проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите. Високото второ и трето место во категоријата гостилници им припадна на „Старо буре“ и „Канцона“, а во категоријата ресторани, наградени се „Венето“ и „Фиш“

Истражувањето е спроведено во период од 1 октомври до 31 октомври, преку директна посета  на независни и објективни тајни гости, кои го оценуваа квалитетот на услугата според однапред утврдени критериуми.

Опфатени се 50 гостилници и 50 ресторани. Сие 100 угостителски објекти се посетени по три пати, а оценувани се осум критериуми: прв контакт со вработените, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храната и завршен контакт со вработените.

Резлтатите од истражувањето покажуваат дека постои напредок во квалитетот на услугите во споредба со изминатата година, но, завршниот контакт со гостите, сепак им е послаба страна на македонските угостители. Потребно е унапредување на услугите на келнерите во однос на нивниот однос кон гостите, како посакување пријатно јадење, проверка дали е се’ во ред со храната и заблагодарување.  Нивото на неиздавање на фискална сметка кај сите угостителски објекти, во просек изнесува околу  4 отсто.

Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во овој сегмент.