Уредникот на „Гардијан“ за „Дневник“: Ако пишуваме за Сноуден, ќе ни го затворат весникот

Заменик-уредникот на „Гардијан“ Пол Џонсон тврди дека британски разузнавачки агенции ги посетиле и им рекле дека ќе бидат затворени ако продолжи да ги објавува откритијата на Едвард Сноуден за масовно следење. Џонсон на конференцијата „Радиоденови“ одржана минатата недела во Даблин зборуваше за притисоците што весникот ги трпи поради тоа што објавуваше материјали од поранешниот службеник на американската безбедносна агенција НСА, Едвард Сноуден, за масовно прислушување и следење комуникации.

„Заканите се однесуваат на протечувањата на Сноуден, при што се бара нив да не ги објавуваме. Затворањето на весникот би се направило со легални средства: постои можност нашите компјутери да бидат запленети по што нема да бидеме во можност да известуваме за сторијата од кое било место во светот. Исто така, од нас беше побарано да им ги предадеме компјутерите на кои се наоѓаат протечените материјали што ги виделе нашите репортери, по што разузнавачките агенции ќе спроведат тестови за да утврдат што направил Сноуден. Заканите дојдоа од високи претставници на владата – испратени од премиерот“, изјави вчера за „Дневник“ Пол Џонсон.

Британската полиција лани во декември отвори истрага за тоа дали во „Гардијан“ извршиле потенцијални „терористички“ кривични дела објавувајќи ги инкриминирачките документи на американската НСА и на британската разузнавачка служба што му биле доставени од Едвард Сноуден. Алан Расбриџер, главниот уредник на „Гардијан“, сведочеше пред британскиот парламентарен комитет вчера кога законодавците посочиле дека весникот им помогнал на терористите откривајќи ги тајните активности на американските и на британските разузнавачки служби.

Безбедноста поважна од слободата на печатот

„Станува збор за работи што се можеби политички непријатни, но нема опасност за националната безбедност“, изјави тогаш Расбриџер пред Истражниот комитет на британскиот парламент.

Меѓутоа, тоа што тогаш прозвучи како неверојатно беше реченицата на еден од претставниците на разузнавачките агенции, кој директно го прашал Расбриџер – За кого си ти?, што на еден крајно непримерен за Британија начин се отвори прашањето за патриотизмот. Главните уредници на „Гардијан“ истакнуваат дека за владата во Лондон „поважно е прашањето со државната безбедност отколку слободата на медиумите“.

На прашањето дали владата има законска основа да го затвори весникот, Џонсон вели дека владата ќе се обрати до судија за да ја обезбеди неопходната дозвола.

„Потоа ние би се ‘тепале’ со нив на судови, а исходот би бил крајно неизвесен. Но процесот би можел да трае со години. Во меѓувреме нема да има извештаи за (протечените) материјали“, додава Џонсон, со што е јасно дека во такво сценарио би победил официјален Лондон.

Џонсон, кој бил задолжен за материјалот добиен од Сноуден, рекол дека тој материјал бил многу потежок за работа од лентите на „Викиликс“ поради интензивниот притисок на кој весникот бил изложен од британските разузнавачки служби.

„Тоа беше најтешката и најкомплицирана сторија која кога и да било сме ја правеле. Во еден момент известувавме од три континенти од три различни временски зони, а можевме да разговараме само преку кодирани писма. Тоа исто така беше и многу скапо новинарство“, истакнува Џонсон во ексклузивното интервју за „Дневник“.

Kога еден весник е под закана, исто така се важни и улогата и позицијата на издавачот. Kако се однесува Вашиот издавач?

Ние сме во сопственост на еден труст – не на индивидуални акционери. Kомпанијата има значителни финансиски ресурси за неа, контролирани од трустот, кои ќе се искористат ако има прогонување на новинарството. Трустот го назначува уредникот, но во историјата на „Гардијан“ ниту еден уредник не бил отстранет од местото.

За да може успешно да известува за протечените фајлови на Сноуден, редакцијата на „Гардијан“ морала да се организира на посебен начин. Така, на пример, е поставена безбедна соба и се набавени нови компјутери без надворешен пристап на интернет, постојано обезбедувани од чувар. Според Џонсон, висок државен службеник му пренел на главниот уредник Алан Расбриџер дека „премиерот, неговиот заменик, секретарите за надворешни и за внатрешни работи и јавниот обвинител имаат проблем со вас.

„Бевме обвинети за загрозување на државната безбедност и за човечките животи. Тоа не’ стави во многу тешка позиција“, вели Џонсон, кој информира дека околу 850.000 Американци имале исто ниво на пристап до доверливи податоци како Сноуден.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.