Урната куќа на палестински ектремист

Израелската армија денеска ја урна куќата на еден палестински екстремист, кој минатиот месец уби жена со дете, откако своето возило го насочи кон група луѓе кои стоеја на една трамвајска станица во Источен Ерусалим.

Уривањето на куќата доаѓа само неколку часови откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху порача дека Израел „ќе ја добие битката за Ерусалим“.

Неговата изјава претставува реакција на неколкуте брутални напади на палестински милитанти врз цивили и припадници на армијата во Ерусалим и еден во Тел Авив. Во последниот ваков напад, извршен вчера изутрина врз една синагога во западниот дел на Ерусалим, брутално со огнено оружје и со месарски сатари беа убиени четворица еврејски рабини и еден полицаец.

Во соопштението на армијата се вели дека била урната куќата на Абдел Рахман Шалуди, Палестинец од Источен Ерусалим кој ги уби жената и нејзиното малечко дете на трамвајската станица, пред да биде убиен од полицијата.

Премиерот Нетанијаху синоќа изјави дека Израел ќе ги израмни сметките со секој кој ќе изврши напад врз државата и обелодени дека е издадена наредба да се урнат куќите на сите оние кои учествуваа во претходните терористички напади, како на двајцата убијци на четворицата верници во синагогата.

Тој најави и нови и построги безбедносни мерки за движењето низ Ерусалим.

Вчерашниот напад е оценет како најкрвав во последните шест години и тој се врзува со значително засилените тензии меѓу Израел и Палестинци, делумно и поради расправиите околу светите места во градот.

Одлуката на израелската Влада за урување на куќите на милитантните Палестинци кои извршиле терористички напади врз Израел или неговите граѓани, не е нова мерка во пресметката со палестинскиот екстремизам и тероризмот. Таа се применуваше едно време во минатото, а сега е обновена, за да се запре насилството и убивањето на цивили на ерусалимските улици.

Амнести Интернешенел во посебно соопштение изрази несогласување со оваа мерка, оценувајќи ја како „колективно казнување“, што за организацијата е неприфатливо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.