Македонија

УСАИД и Министерството за земјоделство овозможуваат полесен пристап до земјоделски кредити

УСАИД и Министерството за земјоделство овозможуваат полесен пристап до земјоделски кредити
УСАИД и Министерството за земјоделство овозможуваат полесен пристап до земјоделски кредити

УСАИД Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денес во Скопје потпишаа Договор за соработка за банкарски гаранции за развој на земјоделството и руралните средини со кој заеднички ќе финансираат механизам за парцијално гарантирање на кредити кој ќе овозможи зголемено кредитирање на индивидуалните земјоделци.

-Земјоделството и преработката на храна се столбови на македонската економија и се извор наприходи за илјадници земјоделци и за оние кои работат во синџирот на овие индустриски сектори и извозот.  Верувам дека со овој гарантен механизам ќе се забрза развојот на земјоделството во Македонија и ќе се придонесе за поголем просперитет на многу домаќинства во руралните средини,изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.

Македонските земјоделци и понатаму се соочуваат со многу предизвици при пристапот до капитал неопходен за да се модернизира и прошири нивното работење, активности што мораат да ги преземат доколку сакаат да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Иако земјоделството е еден вид на бизнис, банкарскиот сектор потешко може да го евалуира ризикот, да ги предвиди готовинските текови и расположливото обезбедување.  Токму затоа банките се колебливи при одобрувањето на кредити на земјоделците. За земјоделците достапна е и финансиска поддршка преку ИПАРД и Националната програма за поддршка на земјоделството, но тоа се програми кои функционираат на база на поврат на инвестираните средства. За да се користи било која од нив, земјоделецот мора претходно да има готовина за да ја плати новата опрема. Дури и со овие форми за поддршка, банкарските кредити за индивидуалните земјоделци се неопходни за развојот на земјоделството.

За да одговори на овој предизвик, УСАИД работи заедно со неколку банки за да им помогне подобро да ги разберат финансиските потреби на земјоделците, како да ја прикажат вредноста на земјоделските фирми и да препознаат алтернативни средства за обезбедување. Со овој Договор за соработка за банкарски гаранции за развој на земјоделството и руралните средини кој денес го потпишаа Министерот за земјоделство, Михаил Цветков и директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн ќе бидат обезбедени до 50% од секој земјоделски кредит, односно во следната декада ќе бидат гарантирани земјоделски кредити во вкупен износ од 20 милиони долари. УСАИД учествува со 200 000 долари, а Министерството за земјоделство ќе обезбеди дополнителни 800 000 долари. Со овој гарантен механизам, УСАИД и Министерството споделуваат дел од ризикот на банките и со тоа им овозможуваат почесто и со поголема доверба да ги кредитираат земјоделците.