УСАИД подари софтвер за ученици со посебни потреби во 33 училишта

Во 31 основно училиште (речиси 10 отсто од вкупниот број) и во две средни училишта во Македонија е воведена асистивна технологија и пристапен софтвер за ученици со посебни образовни потреби во редовната настава, овозможено преку проект на УСАИД Македонија и здружението „Отворете ги прозорците“, јави МИА.

Резултатите од успешното спроведување на проектот за е-пристапно образование и неговите придобивки денеска беа претставени на видеопрезентација. Целта е да се модернизира образованието и да се подобри инклузивноста на децата со попреченост, за тие полесно да ги совладаат наставните содржини.

– Како што технологијата го олеснува животот на луѓето без попреченост, таа уште повеќе им помага на лицата со попреченост во секојдневниот живот. Веќе петта година нашето здружение работи со УСАИД и со нашите образовни институции, да овозможиме да се подобрат образовните можности за учениците со попреченост во редовното образование, преку користење на современата информатичка технологија – компјутери, интернет и асистивна технологија – рече Владимир Лазовски, претседател на здружението „Отворете ги прозорците“.

Министерот за образование Абдилаќим Адеми истакна дека секое дете има право на образование, а тоа е загарантирано и за децата со посебни образовни потреби.

Директорот на УСАИД Македонија Џејмс Стајн рече дека учењето е пат кој отвора можности, а можностите обезбедуваат индивидуален развој.

– И кога повеќе луѓе напредуваат, напредува и заедницата, економијата расте и ја поддржува стабилноста на демократијата. Различните модели на учење го зајакнуват образованието и ја намалуваат стапката на криминал и сиромаштија. Од најголема важност е сите деца во Македонија да имаат пристап до квалитетно образование – истакна Стајн.