Македонија

Ушковски: Судот нема да потпадне под политички влијанија

Ушковски: Судот нема да потпадне под политички влијанија

Претседател на Судскиот совет на Република Македонија Бранко Ушковски денеска изјави дека како прв човек на оваа институција ќе ги штити честа, угледот и правата на судиите и дека Советот нема да подлегне на политички влијанија.

– Ве уверувам дека ќе бидам прв заедно со моите колеги во штитењето на честа, угледот и правата на судиите и довербата на граѓаните кон судството, затоа што судиите навистина професионално, чесно и одговорно си ја извршуваат својата судиска функција. Тоа се најголемиот број на судии во сите судови во Република Македонија како што го покажува и денеска усвоениот Извештај за работа на судовите за 2014 година, рече Ушковски .

Новоизбраниот претседател на Судскиот совет не ги коментираше снимките што ги објави опозицијата, а во кои наводно власта договара избор на судии и пресуди.

– Не би коментирал. Има многу прашања кои вие медиумите ги поставувате за некои содржини кои јас не би ги коментирал, дали истите се автентични или се нерелевантни. Не би ги коментирал сè со цел да се почитува пресумпцијата на невиност, а во исто време за истите наводи и евентуални повреди на законот нема правна завршница, рече Ушковски.

Тој изрази уверување дека Судскиот совет нема да подлегне на никакви политички предизвици кои се наметнуваат дали за дневно политички потреби или по различни поводи и цели и се надева дека новинарите ги препознаваат таквите цели. – Ние нема да дозволиме да влијаат во работата на судството, рече Ушковски.

Претседателот на Судскиот совет останува на ставот дека најголемиот дел од судиите професионално, чесно и одговорно ја извршуваат својата функција, а тоа се покажало и со денешниот извештај за работата на судовите во 2014 година којшто беше на дневен ред на седницата на Советот.

– Патот на членовите на Судскиот совет во законско имплементирање на оваа област не е ниту краток , не е ниту лесен, ниту брз. Истиот е долг, тежок и исполнет со многу предизвици. Бевме и сме изложени на многу критики, дел се добронамерни, незаслужни, меѓутоа секогаш ни даваат верба дека сме на правиот пат, изјави Ушковски.

Посочи дека во изминатите години се отстранувале сите недоследности кои се јавувале во судската власт, притоа најбројувајќи некои од законските решенија кои ги презеле за отстранување на недостатоците во судството.

Според него, за да се обезбеди непристрасност и влијание во доделувањето на предметите, од пред пет години предметите се доделуваат автоматски.

Ушковски објасни дека за судија во Основен суд може да биде избран судија кој има завршена обука на Академијата на судии и јавни обвинители. За судија во Апелациски суд може да биде избран судија со четири години искуство, а во Врховниот суд се избираат судии со шест години работно искуство. – За избор на повисок суд се избира кандидат кој во последната година бил оценет со највисока позитивна оценка и во однос на другите пријавени лица да има добиено најголем број бодови согласно законот, додаде Ушковски.