Уште 30 дена притвор за осомничениот за убиството на матурантот Ангел

Нови 30 дена притвор доби Насер Е. (19) од скопското село Грчец, осомничен за убиството на матурантот Ангел Петковски (18), кој пред еден месец, во скопската населба Ѓорче Петров, во близина на Европската очна клиника, беше усмртен со нож, по кражба на велосипед, пишува Вест. Од Основното јавно обвинителство потврдуваат дека на осомничениот му се определени уште 30 дена притвор, оти истрагата за случајот сe уште е во тек.

„На осомничениот му е продолжен притвор, поради тоа што сe уште траат истражните дејства за случајот. Во интерес на постапката, не би можеле да ви кажеме до каде е истрагата и кога ќе биде поднесено обвинение до Судот”, велат од Скопското јавно обвинителство.

Полицијата против Насер Е. поднесе кривична пријава за убиство. Неговото име отпорано се провлекувало низ крим евиденцијата на МВР како сторител на кривични дела. На убиството на матурантот, кое се случи на 19 мај, му претходела кражба на велосипед од куќата на убиениот Ангел. Според полицијата, кобниот ден, приведениот, околу 17 часот и 15 минути влегол во дворот на убиеното момче за да го украде велосипедот. Ангел го забележал и, иако крадецот го оставил велосипедот, тргнал по него. Се качил во автомобил, и со татко му продолжиле да го следат пријавениот. Возилото го оставиле на паркингот кај Европската очна клиника, и тргнале пеш. Кај пешачкиот мост кој води до село Сарај, Ангел го стигнал крадецот, а неговиот татко се приближувал кон нив одејќи пеш. Двете момчиња почнале да се расправаат за кражбата на велосипедот и си размениле неколку удари, а потоа Насер Е. извадил нож и го прободел Ангел двапати директно во срцето. Ангел починал веднаш, на рацете на татка си, а лекарите само ја констатирале смртта.

Полицијата го фати осомничениот Насер Е. во близина на скалите каде што се случило убиството, по што тој заврши во притвор