Уште два закона за проектот „Македонија вработува“ во собраниска процедура

Во Собранието на Република Македонија денеска во процедура влегоа предлог-дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за здравствено осигурување, двата по скратена постапка, со кои се заокружува пакетот мерки за поддршка на работодавачите при вработување, преку ослободување од плаќање придонеси и персонален данок.

Со овие два закона се врши усогласување со Законот за вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност кој што претходно беше усвоен од Собранието на Република Мкаедонија.

Предлог законите беа ставени на дневен ред на 43 седница на македонското Собрание по скратена постапка, и веднаш штом по нив расправаат матичните комисии, за нив ќе се расправа и на пленарна седница.

Со усвојувањето и на овие два предлог-закона и нивно стапување во сила во рок од осум дена од денот на донесувањето, во функција ќе бидат сите потребни законски предуслови за користење на мерките  за вработување од страна на работодавачите.

Истовремено, работниците веднаш се вклучуваат во системот на задолжително пензиско и инвалидско и здравствено осигурување.

Измените на овие закони се носат за да може да почне реализацијата на мерките предвидени во владиниот проект „Македонија вработува, со кој околу 150 илјади невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, невработени од ранливите категории граѓани, и лицата постари од 58 години ќе имаат можност да се вработат во приватни компании.

Мерките предвидуваат ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок за доход за компаниите кои ќе вработат лица од овие категории граѓани. Тие треба да стапат на сила наредниот месец и да траат една година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.