Уште две лица починаа од грип

Двајца пациенти на Клиниката за инфективни болести во Скопје денеска починале како последица на компликации предизикани од грип, информираат од Министерството за здравство.

Од Здравство информираат дека се работи за маж од 65-години и жена од 74-години од Скопје. Двајцата 10 дена биле хоспитализирани на Инфективната клиника со тешка клиничка слика и повеќе хронични заболување.

„Починатата жената била со хронична срцева слабост, хипертензија, билатерална бронхопневмонија и подолго време диспноична (со отежнато дишење). Исто така, починатиот маж боледувал од карцином, со астма, дијабет, акутна бубрежна слабост, прележан мозочен удар и со тешка двострана бронкопнемовија. И покрај спроведената антивирусна терапија и повеќедневните напори на лекарите кај пациентите е констатирана смрт во текот на денешниот ден“, се вели во информацијата од Здравство.

Вкупниот број на починати од грип во земјава е седум лица.

На клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 115 пациенти, од кои над 60 проценти се со клиничка слика на грип, а 10 се во потешка здравствена состојба и се третираат на одделението за интензивна нега.