Уште две недели за поднесување на годишна даночна пријава

На две седмици пред истекот на крајниот рок (15 март 2015), 104.773 граѓани веќе ја исполнија обврската за поднесување на Годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи, од кои 467 ја искористиле можноста за пријавување на приходите преку електронските даночни сервиси.

Бидејќи во наредниот период се очекува уште околу 100 илјади граѓани да ги поднесат своите даночни пријави, апелираме да не се чекаат последните денови пред истекот на крајниот рок со цел избегнување на метежи во даночните канцеларии.

КОЈ ИМА ОБВРСКА ДА ПОДНЕСЕ ГОДИШНА ДАНОЧНА ПРИЈАВА?

Задолжително поднесете Годишна даночна пријава, доколку во текот на 2014 година:

  • сте издавале под закуп (кирија) или подзакуп: станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот;
  • сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост;
  • ви бил исплатен регрес за годишен одмор (К 15);
  • ви била исплатена дивиденда или камати по основ на заем кој сте го дале на физичко или правно лице;
  • сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот;
  • сте оствариле добивка од општите игри на среќа (од лото, бинго, квизови, наградна игра и сл.) во износ поголем од 5.000 денари;
  • сте оствариле приход од откуп на цврст отпад;
  • имате лични примања од странство;
  • работно сте ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварувате лични примања кај претставници и службеници на претставништвата кои уживаат дипломатски имунитет; и сте оствариле и „други приходи”.

Не сте должни да поднесете Годишна даночна пријава, доколку во текот на годината имате остварено само приход од: плата; пензија; земјоделска дејност и самостојна дејност.
Добивките од посебните игри на среќа (казино, автомат клуб или обложувалница) остварени во текот на 2014 година, немате обврска да ги пријавите во Годишната даночна пријава.

КАДЕ ДА ЈА ПОДНЕСЕТЕ ГОДИШНАТА ДАНОЧНА ПРИЈАВА?

Годишната даночна пријава (образец “ПДД-ГДП”) е бесплатна и можете да ја преземете преку веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21 или да ја побарате во даночните канцеларии на УЈП.

1) Даночни канцеларии
Годишната даночна пријава, пополнета во 2 (два) примерока, поднесете ја во надлежната даночната канцеларија на УЈП, според вашето место на живеење.
Регионалните дирекции и Даночните одделенија работат секој работен ден од 08:30 до 18:00 часот и сабота од 08:30 до 14:00 часот.
Даночната пријава може да се поднесе и во Контакт центарот Скопје (ГТЦ 2-ри кат, над Кино Милениум) секој работен ден и сабота од 09:00 до 20:00 часот.
За да видите каде се лоцирани нашите даночни канцеларии низ Републиката и работното време, посетете ја нашата веб страница http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/makedonija
Исто така, пријавата може да се поднесе и преку Мобилните даночните шалтери кои ќе бидат присутни во следните општини и населени места: Конче, Центар Жупа, Лозово, Петровец, Пласница, Зрновци, Желино, Карбинци, Јегуновце, Чашка, Ѓорче Петров, Теарце, Лозово, Аеродром (види повеќе http://www.ujp.gov.mk/mk/otvoreni_povici/pogledni/201).

2) Преку пошта
Доколку се одлучите Годишната даночна пријава да ја поднесете преку пошта, истата пополнета во 1 (еден) примерок пратете ја на адресата на надлежната Регионална дирекција на УЈП, на која според местото на живеење припаѓате.
За преглед на адресните податоци на регионалните дирекции посетете ја веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/makedonija

3) По електронски пат преку е-Даноци
Граѓаните кои се регистрирани корисници на е-Даноци, препорачуваме да ги поднесат Годишните даночни пријави по електронски пат преку преку http://etax.ujp.gov.mk и на тој начин да ги избегнат метежите на шалтерите на УЈП.

ДРУГИ КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ

  • Преземете ги видеото во кое практично е објаснето пополнувањето и начинот на поднесување на Годишната даночна пријава (образец “ПДД-ГДП“), http://www.ujp.gov.mk/mk/kampanji/category/773
  • Ви препорачуваме да ја преземете и брошурата „Годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход“ во која подетално е објаснето Зошто? Кој? Кога? Каде? и Како? треба да ги пријави приходите во УЈП и која ги содржи одговорите на најчесто поставуваните прашања во врска со поднесувањето и пополнувањето на даночната пријава, http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/2.