Уште еден „крупен проект“ на Жерновски: Се сретна со претставник на Стејт Департмент

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски вчера реализираше уште еден „ инфраструктурен проект“. Првиот човек на централната скопска општина се сретна со претставник на американскиот Стејт Департмент.

Како што беше известено вчера од Општина Центар, градоначалникот Жерновски разговарал со директорот на канцеларијата за Централна и Источна Европа на Стејт Департментот Томас Јаздгерди. Како и на секоја друга средба со меѓународен претставник, Жерновски не ја пропуштил можноста да го запознае соговорникот за  актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за релациите власт-опозиција, пишува Курир.

Во недостиг на вистински крупни инфраструктурни проекти од кои корист ќе имаат граѓаните на Општина Центар, тие коментираат дека нивниот градоначалник остварува средби од никакво значење кои подоцна наидуваат на голем потсмев на социјалните мрежи кои се преплавени со коментари за “крупните проекти“ на Жерновски како што е оваа средба. Покрај Жерновски, на удар на соијалните мрежи вчера се најде и претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, за чии ставови се коементира дека е изгубен во политичкиот простор и време.

Кога Жерновски е во прашање, јавноста не е изненадена околу неговите “проекти“. Наместо ново училиште во Капиштец, кое беше едно од главните негови ветувања во трката за градоначалник на Општина Центар, Жерновски два пати отвораше една иста улица која уште од самиот почеток беше проследена со низа контроверзии. Ако на ова се додаде дека еден од главните “проекти“ на Жерновски беше и разгледување на три електрични столба, тогаш не треба дда зачудуваат коментарите на граѓаните на Општина Центар дека Жерновски може да излезе со најнов проект, дека кивнал.

Анализата која неодамна беше објавена во медиумите, покажа дека Жерновски најголем дел од времето во својот мандат го посветил на пресметки и обвинувања кон актуелната власт, а многу мал дел за позитивни теми од кои главна придобивка ќе имаат жителите на општината со која раководи.  Во изминативе 19 месеци како е градоначалник на Општина Центар, од април 2013 година, податоците покажуваат дека Жерновски  во јавноста излегол да говори на 183 теми, од кои само 25 теми биле позитивни, а останатите 148 теми биле политички обвинувања и пресметки или несуштински теми кои се несвојствени за еден градоначалник.

Овие прецизни податоци покажуваат дека Жерновски поголемиот дел од времето наместо за своите проекти, како градоначалник го посветил  критикувајќи ги другите проекти кои не се во негова надлежност. Жерновски најмалку од своето време го посветил на позитивни теми и проекти од кои корист ќе имаат жителите на Центар. Од тие 25 теми кои биле позитивни, само неколку се поврзани со суштински проекти за еден градоначалник како што се фасадата на зградата “Папагал”, ново паркче во општина Капиштец, отворањето на Боемската улица и реконструираната фискултурна сала.

Останатиот поголем дел од позитивните проекти се најави за проекти или проекти како реализиран отворен ден за граѓани, организирање на Денови на македонскиот мед, најава дека Центар ќе го оживува комплексот Езерце, проект кој се уште не се случил, како и тоа дека учениците во Центар ќе се вклучат во бизнисот со пластични шишиња.

Колку за споредба, за разлика од Жерновски, првиот човек на град Скопје Коце Трајановски мандатот не го користи за политичка пресметка, туку за остварување на најавените проекти. Трајановски во последниот мандат за 19 месеци имал 280 медиумски настапи и сите 280 се поврзани со позитивни проекти, наспроти 148 те негативни настапи и политички обвинувања на Жерновски.

Во позитивните медиумски настапи на Трајановски влегуваат теми како изградена нова фекална канализација во Радишани, пуштена во употреба втората фаза од булеварот Борис Трајковски, промоција на новите автобуски постојки,  нови кружни текови на „Втора Македонска бригада“ и Лазо Трповски како и почеток на градба на кружниот тек на крајот на партизански одреди, пуштање на третиот дел на булеварот Илинденска.

Покрај ова, во позитивните теми на Трајановски влегуваат и 47-те милиони денари за реконструкција на средните училишта во 2013 година, нов парк покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, фекална канализација за Јурумлери и реконструкција на нова водоводна мрежа во Стајковци , почеток на проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, завршеток на реконструирање на МКЦ и останати проекти од инфраструктурно значење за граѓаните.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.