Македонија,Крими хроника

Уште една богата заплена на Царината: Амфетамин, златен накит, рачни часовници

Уште една богата заплена на Царината: Амфетамин, златен накит, рачни часовници

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што е откриено амфетамин и привремено се задржани златен, сребрен накит и легура, автоделови, стоматолошки материјал, делови за велосипед, обувки, текстилна стока, паричници, рачни часовници и фалсификати.

Царината заплени околу еден килограм амфетамин, откриен во соработка со Министерството за внатрешни работи, при контрола на патничко возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата.

При извршена детална контрола, со помош на царинско куче на автомобилот и личен преглед на патниците-македонски државјани, кај еден од патниците, на задниот дел од половината е пронајдено 1 пакување наркотична дрога, амфетамин. Во големопродажба на наркопазарите во Европа оваа наркотична дрога би достигнала цена од околу 700 евра, а нејзината малопродажна вредност би изнесувала околу 3.000 евра. 

Против сторителите ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

Царината заплени 1.450 грама легура за изработка на сребро, седум сребрени прстени и шест златни недоработени прстени и обетки, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар , пријавен за влез во државата. Накитот и легурата се пронајдени во џеб од јакната и во торбичка околу вратот на албански државјанин, патник во автобусот.

Во заплената се и авто делови и делови за велосипеди, и тоа 1.170 парчиња и 650 сета разни автоделови откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, управуван од турски државјанин, кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар , пријавен за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во просторот над задната лева гума во автобусот, а сопственик на стоката бил сопственикот на автобусот, турски државјанин.

Меѓу заплената се најдоа и 94 пара готови текстилни производи и 80 парчиња перници, откриени во патничко возило со македонска регистрација, управувано од македонски државјанин, во внатрешноста на државата. Стоката е пронајдена во багажниот простор на возилото и за истата лицето не поседувало никаква документација за потекло на стоката и за платени давачки.