Уште едно сириско наоѓалиште за гас под контрола на ИД

Борци на екстремистичката група Исламска држава (ИД) потврдија дека преземале контрола врз наоѓалиште за гас во сириската провинција Хомс.

Инаку ова е второ наоѓалиште за гас кое екстремистите го превземаат за една недела по судирите со владините сили.

ИД објави 18 фотографии на интернет, на кои нејзиното знаме се вее над наоѓалиштето за гас Џахар. На нив можат да се забележат запленети автомобили и оружје, соопшти американскиот Центар за следење на објавите на исламистичките сајтови SITE.

Во соопштението на џихадистите се наведува дека групата ја зајакнала контролата над селото Џахар, врз компанијата за производство на гас „Махр“ и врз околу девет позиции, од кои запленила тенкови, оклопни возила и тешко оружје.