Уште ништо од МХ370, мини подморница го пребарува Индискиот океан

Подморница робот „Блуфин 21“повторно се вклучи во потрагата за исчезнатиот малезиски авион по отстранувањето на „техничките потешкотии“, соопштија австралиските власти.

„Блуфин-21“ е ангажиран во пребарување на дното на јужниот дел на Индискиот океан на места каде што минатата недела беа забележани сигнали за кои постоеше сомнеж дека се од црната кутија на исчезнатиот авион на „Малезија ерлајнс“.

Мини подморницата започна во друга мисија која треба да трае 20 часа, бидејќи вчера беше прекината по шест часа. Истрагата беше прекината, бидејќи морето за таа мини подморница е предлабоко и „Блуфин“ ја надмина својата граница на оперативен досег од 4500 метри по што е вратен на површината.

По анализите од собраните информации од „Блуфин-21“ не е откриено ништо значајно.

Американската морнарица соопшти дека на подморницата која потсетува на торпедо ќе и бидат потребни шест недели до два месеци за да ја скенира целата област.

За денеска е планирано и 14 авиони да продолжат со потрагата за малезискиот авион во јужниот дел на Индискиот океан бидејќи сателитските податоци укажуваат на тоа дека во таа област би можел да биде паднат.

Авионот на летот од Куала Лумпур до Пекинг исчезна на 8 март, а во него беа 239 патници и членови на екипажот. Потрагата беше сконцентрирана на Јужното кинеско море, но подоцна беше префрлена на јужниот дел на Индискиот океан.

Од исчезнувањето на „Боинг 777“ поминаа 38 дена додека батериите на црните кутии траат 30 дена.