Уште помалку од еден час можете да се пријавувате за отпис на долгови

Денеска во 16 часот и 30 минути – последен рок до кога граѓаните од социјално – ранливите категории можат да се пријават за отпис на долгови. Времето тече. Ако се има предвид нашиот табиет, да се чека 5 до 12, тогаш сосема е извесно дека до крајот, вкупниот број на поднесени барања ќе достигне 40 илјади, пишува Лидер.

Сепак, откако ќе го минат филтерот на надлежната комисија, која ја проверува точноста на податоците, ќе се знае точно колку граѓани ќе се ослободат од старите долгови и колкава е вкупната сума што ќе се отпише, пишува ЛИДЕР.

„Поднесов барање за отпис, ќе видиме дали ќе ни ги простат долговите“

„Сега ги прашувам службите да ме упатат, да ми кажат кои документи ми се потребни. Имам стари долгови, сакам да поднесам барање за отпис“ – велат дел од граѓаните кои во последните денови се решија да ги посетат шалтерите на центрите за социјална работа.

Рокот нема да се продолжува, а проектот ќе се спроведе само еднаш. Првите решенија, кои значат и конечна потврда дека долгот е отпишан, се очекуваат меѓу 20 и 25 октомври.

Кои долгови се отпишуваат?

Проектот „Еднократен отпис“ стартуваше на 18 август. Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки, обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата. Граѓаните ќе бидат ослободени од главницата и каматата, но и од трошоците за нотари и извршители.

„Овие предмети стоеја, каматите растеа, а сега, со оваа мерка, можеме конечно да ги затвориме предметите“ – објаснува првиот човек на Комората на извршители, Зоран Петрески.

Во проектот се вклучени банките, штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, МРТ, Топлификација, нотарите и извршителите.

„Оваа акција ќе ни помогне да ги исчистиме билансите, но од друга страна, ќе ги заштити граѓаните да не останат без основните материјални добра“ – велат од АД ЕЛЕМ.

„И наш интерес е да се расчистат старите долгови, бидејќи нашите корисници во иднина ќе можат многу полесно да ги планираат потрошувачката и начинот на плаќање“ – објаснуваат од ЕВН Македонија.

Вицепремиерот Ставрески вели дека со ова исполнуваат едно од најголемите предизборни ветувања, кое беше дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

За кого е наменет проектот?

Проектот „Еднократен отпис на долгови“ треба да им помогне на најранливите категории граѓани: примателите на социјална и на постојана парична помош, невработените кои повеќе од една година активно бараат работа и лицата изложени на социјален ризик, поради смрт на брачен другар, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години.

„Мерката е добро димензионирана и е насочена кон оние на кои им е најпотребна, на најранливите категории граѓани. Еднократно ќе им се отпишат долговите и на тој начин ќе им помогнеме во решавањето на животните предизвици, за да можат полесно да се справат со последиците од светската и европската криза“ – објаснува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Кај невработените лица, ако се во брак, треба и нивниот брачен другар да е невработен, активно да бараат работа, заеднички во 2013-та да не оствариле приходи повисоки од 105.600 денари, да не поседуваат друг имот освен оној во кој живеат. Лицата кои се наоѓаат во финансиски незавидна положба, како резултат на инвалидитет или тешка болест (нивна или на брачниот другар), за да бидат опфатени со проектот, потребно е болеста да настанала во последните пет години, да не оствариле приходи повисоки од 105.600 денари и да не поседуваат друг имот. Под тешка болест се подразбираат малигни и церебрално – васкуларни заболувања. Процедурата за поднесување на барањата е едноставна, па освен барањето, се доставуваше и копија од лична карта, извод од матична книга на венчани, согласност за обезбедување податоци за статусот и долгот, а во зависност од основата на која се бара отпис потребни беа и следниве документи: извод од матична книга на умрени, медицинска документација за болеста, копија од последна фактура/сметка за електрична или топлинска енергија.

Слични критериуми и во земјите од регионот

Критериумите се скроени на тој начин што само најпогодените од кризата можат да бидат опфатени со проектот за „Еднократен отпис“, со цел елиминирање на сите ризици од евентуални злоупотреби. Слична е ситуацијата и во земјите од регионот. Хрватите кои се решија да го следат примерот на Македонија, ќе простуваат долгови кои достигнуваат најмногу до 10.000 куни или 80.000 денари, а кои се неплатени подолго од една година. Се проценува дека вкупната сума што ќе се избрише ќе достигне 65 милиони евра, но властите внимателно ќе ја направат селекцијата.

„Ќе им се простат долговите само на оние кои навистина не можат да ги вратат парите, значи на социјалните случаи, невработените, пензионерите со најниски примања. Ние имаме точни податоци, знаеме кој има друг имот, кој има по два или три автомобили, а должи пари. Тие нема да влезат во проектот за отпис на долгови и затоа велам, ќе им се помогне само на оние кои се навистина социјално загрозени“ – порачува министерката за труд, Миланка Опачиќ.

„Значи не се работи за луѓе кои не сакаат да ги вратат долговите, туку се работи за луѓе кои, поради сиромаштијата и тешката економска криза, не се во можност да ги вратат долговите“ – појаснува министерот за финансии Лаловац.