Уште седум Палестинци и девет израелски војници убиени во Газа

Најмалку седум Палестинци се убиени изутринава при бомбардирање на израелската армија врз градот Радах во Појасот Газа, соопшти локалната Брза помош.

– Седум лица, меѓу кои пет жени и две деца се убиени при бомбардирање на трикатна зграда во градот Рафах – изјави Ашраф ал Кудра, портпарол на Брзата помош во Газа.

Со тоа бројот на загинати Палестинци од почетокот на израелската операција во Појасот Газа достигна 1.092 лица.

Вчера, пак, девет израелски војници биле убиени во борби во Појасот Газа или во нејзина близина, соопшти денеска израелската армија.

Четворица од војниците се убиени во ракетен напад во реонот на Ешкол во близина на границата со Појасот Газа. Претходно израелските медиуми инфромира дека станува збор за цивилни жртви.

Други пет војници се убиени во борби во Појасот Газа.

Со тоа бројот на загинати израелски војници од почетокот на офанзивата против Хамас во Појасот Газа достигна 52 лица.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека Израел мора да биде подготвен да ја продолжи воената операција во Појасот Газа се додека не бидат уништени сите „терористички“ тунели.

– Мора да бидеме подготвени на продолжување на операцијата. Нема поправедна војна од оваа. Нема да ја завршиме операцијата во Газа се додека не ги неутрализираме сите тунели, чија единствена цел е убивање на наши граѓани – истакна Нетанјаху.

Нетанјаху, исто така, нагласи дека демилитаризирањето на Појасот Газа мора да биде дел од секој иден план за палестинската територија.