„Усје“ и „Фени“ ќе го увезуваат загадувачот нафтен кокс без акцизи, со амин на владата на Заев

Владата на Зоран Заев е расположена да дозволи увоз на нафтен кокс без плаќање на акцизни давачки, а на барање на компаниите „Титан Цементарница Усје“ и „Фени Индустри“, дознава Нетпрес.

Нашите извори велат дека деновиве веќе бил одржан состанок на претставници на „Титан Цементарница Усје“ и на „Фени Индустри“ со Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Официјално барање до владата поднеле „Фени Индустри“. Образложението на овие две компании за барањето за укинување на акцизата било дека нафтениот кокс се користел во процесот на производство и затоа не требало да подлежи на акцизни давачки. Тие барале бришење на член од Законот за акцизи.

Владиниот фукнционер на состанокот начелно бил позитивно расположен во однос на барањето овие две комапнии да увезат нафтен кокс без да плаќаат акциза, односно дека Владата ќе стори се за измена на Законот за акцизи и дека ќе го избрише спорниот член. Била подготвена и целосна документација, која веднаш била испратена до Министерот за финансии, Драган Тевдовски, каде требало да се изврши детална анализа, како надлежен државен орган за Законот за акцизи, а и бидејќи претпоставките се дека укинувањето на акциза за нафтениот кокс ќе предизвика финансиски импликации. Но, нашите извори велат дека сепак очекувањата се дека Тевдовски ќе даде зелено светло за барањето на „Титан Цементарница Усје“ и „Фени Индустри“.

usjeИнаку, воведувањето на акциза за увоз на нафтен кокс во Македонија се случи кон крајот на 2014 година на иницијатива на Министерството за финансии, на чие чело тогаш беше Зоран Ставревски.

Според тогашните тврдења на Министерството за финансии, акцизата за нафтениот кокс се воведе за да се натераат корисниците да употребуваат горива кои помалку ја загадуваат животната средина, бидејќи нафтениот кокс е голем загадувач.

И тогаш имало реакции до Ставревски, но тој им одговорил на незадоволните дека нафтениот кокс е гориво кое многу ја загадува животната средина и подобро да се преориентираат на друг вид енергенс, или во спротивно да си ги платат акцизите при увоз, но и да си обезбедат еколошки стандарди.

Во некои медиуми, кои изминативе години силно го поддржуваат СДСМ, потоа беа објавени информации дека „Титан Цементарница Усје“ и „Фени Индустри“, кои нафтениот кокс го употребуваат во процесот на производството веќе ги почувствувале првите негативни резултати од воведувањето на акцизата за овој вид енергенс на крајот на минатата година.

feni-industri

Нафтениот кокс е производ кој се добива од разградба на нафтени остатоци и важи за еден од најголемите загадувачи на воздухот, ако се употребува како гориво.

Во пресрет, пак, на новата грејна сезона, кога загадувањето во Македонија е огромно, носењето одлуки за олеснувањето на користењето на нафтен кокс, само дополнително ќе ја зголеми загаденоста на воздухот.

Од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, побаравме коментар во врска со состанокот, но ни рекоа дека дополнително ќе не информираат дали имало таков состанок.

НетПрес побара информација и од Министерството за финансии, од каде што ни беше одговорено прашањата да бидат доставени на електронска пошта, а потоа ќе ги добиеме одговорите.

Во меѓувреме, од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев ја потврдија средбата на претставници на кабинетот и претставниците на споменатите компании.

„Претставници од Кабинетот на Заменикот на претседателот на Владата на Р.Македонија задолжен за економски прашања одржаа работен состанок со претставници од компаниите „Фени индустри“ и „Усје“ и притоа на средбата е разговаравно за состојби и предизвици со кои се соочуваат компаниите од овие индустрии“, одговорија на прашањето на НетПрес од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев

Во кусиот одговор, се наведува уште дека станува збор за „една од низата на средби со компании што се одржуваат од страна на вработените во Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Р.Македонија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.