Ушковски за Дневник: Ако помине идејата за специјален судски оддел за СЈО, ќе се урне судскиот систем

Интерпретациите што се пласираат за формирање на специјално судско одделение кое ќе постапува по предметите што ги иницира Специјално јавно обвинителство не само што се притисок врз независноста на судиите туку се насочени и кон рушење на целокупниот судски систем во нашата земја, предупредува Бранко Ушковски, поранешен претседател на Судскиот совет, пишува Дневник.

Тој реагира на неофицијалните заговарања од опозицијата и меѓународните претставници за формирање вакво одделение во рамките на Kривичниот суд за случаите што ги работат специјалните обвинители на Kатица Јанева. Ушковски за „Дневник“ потенцира дека со закон никаде не е предвидено оти во рамките на Kривичниот суд може да се формира специјално одделение за постапување по предмети на СЈО. Истовремено, наведува тој, вакви измени на законот не се предвидени ниту во извештајот на Прибе ниту во договорот од Пржино.

И во организациска и во функционална смисла во судството во РМ се применети и тоа функционира согласно највисоките европски стандарди. А кога преку ваквите инсинуации со кои се пласираат идеи за специјално судско одделение, ова не само што е притисок врз независноста на судиите туку е насочено и кон рушење на целокупниот судски систем во нашата земја – нагласува доскорешниот претседател на Судскиот совет.

Неодамна и актуелниот претседател на оваа важна институција, Зоран Kараџовски, за „Дневник“ кажа дека „со овој Устав и овие закони, не може да има посебни судии за предметите на СЈО“. Брановите околу формирањето на ваквото специјално судско одделение почнаа уште повеќе да се креваат откако портпаролот на владејачката партија ДУИ Бујар Османи рече дека неговата партија „не би имала против да се формира специјално судско одделение за предметите на Специјалното јавно обвинителство“. Наспроти ова, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е категорично против воведување судски пандан на СЈО.

Ушковски наведува дека ваквото прашање не може да се отвори во рамките на разговорите на партиите што го потпишале Пржинскиот договор.

Но, од друга страна, Ушковски предупредува дека тоа што од една страна се форсира воведувањето на специјалното судско одделение може да предизвика и реакција на другата страна.

Сега се поставува прашање дали тоа значи дека ако некоја друга од четирите партии потписнички на Пржинскиот договор оцени и смета дека СЈО селективно постапува по предметите што ги иницира, може да побара формирање на посебен оддел во рамките на СЈО за предметите по кои засега не покажува интерес за постапување. Барањето за формирање посебен оддел во рамките на СЈО и тоа не само теоретски би имало и поголема основа отколку да се формира посебно судско одделение. Затоа што СЈО како модел е договорно формирано надвор од Уставното, единствено и самостојно Јавно обвинителство на РМ – смета поранешниот прв човек на Судскиот совет.

Тој додава дека како што се бара поддршка за работата на СЈО, така меѓународните фактори, сите политички институции, како и целокупната домашна јавност и поединци треба континуирано да даваат поддршка за работата на судството.

Затоа што сите претседатели на судовите, судиите и судските службеници го имаат целокупниот капацитет и професионално си ги извршуваат својата функција и задачи, вели Бранко Ушковски.

Во европското судство нема така решени плати како за СЈО

Ушковски наведува дека, според неговите истражувања, во европските правосудни системи нема пример дека финансиските примања на судиите и на обвинителите се на тој начин регулирани и поставени како кај нас врзано за СЈО.

Службениците и специјалните јавни обвинители во СЈО, кои иако се само странка во постапките пред Судот, имаат многу повисоки финансиски примања отколку судските службеници и судиите иако Судот е тој што ги донесува одлуките. Таквата неправилност најприоритено треба да се надмине, смета тој.