Условниот буџет од ФЗО за 2014 е 590 милиони денари,а листата на здравствените услуги е проширена за седум

Условниот буџет на ФЗО за 2014 година е 590 милиони денари и изнесува 20 отсто од буџетот на Фондот за здравство.Истиот се однесува на седум нови и седум проширени здравствени услуги се со цел да се намалат листите на чекање, да се олесни терапијата како и да се обезбедат нови здравствени услуги за пациентите. До сега беа вклучени 11 здравствени установи, а сега се вклучени уште нови четири се со цел да се реализираат дефицитарните или приоритетните здравствени услуги.

„Преку условниот буџет, се воведуваат седум нови здравствени услуги се со цел да се намали листата на чекање на пациентите.Станува збор за реконструкција на дојки по масектомија за 40 пациенти,трансплантација на црн дроб (пет пациенти), 20 интервенции за кадаверична трансплантација на бубрезите, интервенции кои ќе ја заменат трансплантацијата на срце за 20 пациенти, замена на срцева валвула за пет пациенти. Условниот буџет за детска кардиохиругрија годинава е за 65 деца, а 20 пациенти ќе добиваат најсовремена терапија за шизофренија,“ изјави директорката на Фондот, Маја Парнарџиева-Змејкова.

Условниот буџет е зголемен за пациентите за мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, кохлеарен имплант, трансплантација на коскена срцевина, трансплантација на бубрези од жив донор, реконструкција на дојка. Средствата се зголемени и за фако методата, со што наместо досегашните 2.470 интервенции, ќе бидат изведени нови 4.500 фако методи.

Според Парнарџиева-Змејкова, со овие измени Македонија е лидер во регионот каде што Фондот е стратешки купувач на здравствените услуги.Листата е составена како резултат на искуствата од регионот, консултација со здравствените установи кои имаат нова опрема и кои се стекнати со нови вештини, но и со препораките од Здружението на пациенти кои информирале за тоа за кои услуги се на листата на чекање и кои од услугите се дефицитарни.