Македонија

Усогласен Колективниот договор за вработените во Железница

Усогласен Колективниот договор за вработените во Железница

Колективниот договор за вработените во Македонски железници – Транспорт е подготвен и до крајот на неделата треба да го потпишат раководството и репрезентативните синдикати. Текстот е усогласен и ги содржи барањата на вработените што ги упатија пред еден месец за колективниот договор и исплата на плата, пишува МИА.

Генералниот директор на МЖ-Транспорт Никола Костов информира дека текстот е усогласен со Општиот колективен договор и ги нуди максималните коефициенти за вработени во однос на прекувремената работа, работа на празник и ноќниот труд.

Костов појаснува дека со новиот колективен договор тие ќе добијат коефициенти како и другите вработени во јавниот сектор и оти доколку има промена во Општиот колективен договор ќе има промена и за вработените во Железницата.

– Еден дел од машиновозачите бараат зголемување на коефициентите над дозволените во Општиот колективен договор и ние тоа не можеме да го направиме бидејќи не смееме да одиме надвор од овие рамки и надвор од законите – истакна Костов за барањата на Независниот синдикат на машинскиот персонал кој е еден од трите синдикати на машиновозачи и брои 62 члена, а кој најавуваше дека нема да ги извршува професионалните задачи поради неисполнување на нивните барања за повисоки коефициенти.

Максималните коефициенти кои се дадени со Општиот колективен договор и кои ќе ги добијат вработените се 40 проценти за ноќна работа, работа во недела 35 проценти и за прекувремена работа и работа на празник 29 проценти.

Директорот Костов посочи дека нема доцнење во исплата на платата, која од јануари е зголемена за 4 отсто и кај машиновозачите изнесува 36.000 денари.

Колективниот договор ќе го потпишат Синдикатот на вработени на подружница на влеча на возови и Синдикална организација на железничарите при МЖ Транспорт кои имаат најголемо членство.

На средината на минатиот месец машиновозачите го прекинаа товарниот и патничкиот сообраќај, по што добија ветување за почеток на преговори и исполнување на барањата.