Успешен старт на подготовките за ракометарите – совладан Израел

На првиот од серијата подготвителни натпревари кои машката ракометна репрезентација на Македонија ќе ги игра пред почетокот на СП во Катар, славеше над Израел со 39-37.

Натпреварот му послужи на селекторот Ивица Обрван да им даде шанса на сите ракометари, да ја види нивната форма а и да се испробаат нови варијанти. Слабостите што произлегоа од натпреварот ќе бидат добра основа за подобрување на играта.

Ова е почеток на подготовките, прв натпревар, и двете репрезентации имаа свои цели што требаше да ги остварат во играта. Израел се држеше до 15 минута, имаше и водство, а потоа контролата ја презеде Македонија.

Штом малку стегнаа во одбраната нашите момци се одлепија и дојдоа до највисоки 27-21 во 39. минута, но до крајот Израелците повторно се вратија, колку да го направат неизвесен овој привлечен натпревар.

Најефикасен беше Георгиeвски со седум гола, сите во првото полувреме, шест постигна Вугринец. Причина за малата разлика беше голманот на Израелците, кој само во вториот дел запиша 10 интервенции.