Успешен втор ден од екстерното тестирање на матурантите

Денешното екстерно тестирање на матурантите, успешно е спроведено во средните училишта во Берово, Богданци, Македонска Каменица, Пробиштип, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

Во  општините Македонски Брод, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Липково, Неготино, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе и Штип, процесот е во фаза на реализација, а во некои училишта е и целосно закружен, информираат од Министерството за образование и наука.

„Екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците од завршните години непречено се одвива и во средните училишта кои се наоѓаат на територија на Град Скопје. Процесот е успешно започнат во училиштата во Битола, каде за разлика од вчера кога учениците ја бојкотираа проверката на знаењата во техничкото училиште„ Ѓорѓи Наумов“, денеска тестирањето се реализира и во ова училиште. Во општина Струмица процесот е целосно заокружен во СОУ “Јане Сандански“ и СОУ “Никола Карев“, а во моментов реализацијата е во тек и во СОУ “Димитар Влахов“. Процесот е делумно реализиран и во средните училишта во општините Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга“, посочуваат од МОН

Екстерна проверка на постигањата на знаењата на  учениците почна со реализација на 26 јануари, а ќе трае до 30 јануари. Резултатите ќе бидат објавени на 2 февруари.