Успешно имплементиран системот „Мој термин“, се работи на негово усовршување

Успешно се имплементира националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“. Изминатава една година откако почна имплементација на системот, значително се придонесе кон регулирање на редот во амбулантите во јавните здравствени установи, со доследно почитување на закажаните термини од страна на докторите и пациентите.

Ова денеска на прес-конференција го истакна Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи „Мој термин“, кој рече дека континуирано работат на усовршување, интегрирање и оптимизирање на овој систем, и што е најважно поедноставување на целиот процес од прием на пациентот во амбуланта до самиот момент на пружање на конкретната здравствена услуга.

Според анализа на податоците од системот, посочи тој, во јули 39 отсто од пациентите биле примени на преглед пред закажаниот термин, додека 37 отсто од пациентите кои биле примени по закажаниот термин чекале од една до 30 минути за преглед, или вкупно 76 отсто од пациентите влегле порано на преглед или чекале до половина час.

Нагласи дека од 1 јануари до 31 јули биле издадени 2.883.000 упати (процент на реализација 80 отсто), од кои специјалистички-субспецијалистички упат – 2.226.000, интерспецијалистички упат 212.500, болнички упат – 63.000, упат за радиодијагностика-1 -184.500, упат за радиодијагностика-2 -171.000, микробиолошки упат – 25.100, упат кон нуклеарна медицина – 1.550, болнички упат – операција – 206 (од 25 јули).

– Вкупниот број креирани контролни упати изнесува 260.432 односно 12 отсто од креираните специјалистички упати. Бројот на креирани контролни упати од страна на специјалистите постојано се зголемува, со што се намалува потребата пациентот да доаѓа кај матичниот лекар за повторно издавање специјалистички упат за потребната контрола. За споредба, во јануари бројот на креирани контролни упати изнесувал 28.000, додека во јули – 39.000 (станува збор за период на годишни одмори, а во секојдневни услови бројот би бил и поголем), посочи Аризанкоски.

Системот „Мој термин“, појасни, е интегриран со над 30 софтверски решенија од други производители на медицински софтвер кој е застапен на сите три нивоа на здравствена заштита.

– Во рамки на системот, за една година креирани се над 1,4 милиони електронски здравствени досиеја на пациенти, над 4,4 милиони електронски упати и евидентирани над 3,2 милиони специјалистички извештаи од извршен преглед од страна на доктор специјалист или извештај од извршено снимање, како и креирани над 21,3 милиони електронски рецепти, а се подигнати над 17,3 милиони лекови, рече Аризанкоски и додаде дека досега, според сумираните податоци, во системот се евидентирани 8.828 доктори и 1.255 останати здравствени работници или оператори кои работат во над 3.500 здравствени установи низ државата.

Вкупниот број корисници, укажа тој, изнесува 10.466 корисници, а просечно преку ден се најавуваат над 3.500 различни корисници. Во изминатите три месеци, најчести се упатувањата на пациенти кон следните специјалности: интерна медицина, ортопедија, офталмологија и оториноларингологија.

Аризанкоски рече дека Министерството за здравство ќе формира комисија составена од доктори специјалисти од универзитетските клиники, како и професори и претставници од Лекарската комора кои ќе ги проверуваат упатувањата од здравствените установи кои имаат најмногу упати кон повисоко ниво со цел да се испита дали матичните лекари ги упатуваат пациентите согласно прописите и протоколите на медицината базирана на докази или, пак, ги препратиле на повисоко ниво, иако и тие можеле да ја пружат неопходната здравствена заштита и да го избегнат упатувањето и дополнителниот трошок и малтретирање за пациентот.

Комисијата, посочи тој, во текот на денот ќе ги посети здравствените установи во Крива Паланка каде има голем број упатувања пациенти на повисоко ниво.

– Просечното дневно упатување на пациенти од матичен лекар кон секундарно ниво на здравствена заштита изнесува 10 пациенти по лекар. Просечниот број прегледани пациенти изминатите три месеци изнесува 15 пациенти по лекар кај здравствените домови односно 41 отсто од докторите се над просекот, 14 во општите болници и клинички болници, каде 32 отсто од докторите се над просекот, и 13 пациенти по доктор во универзитетските клиники каде 27 отсто од докторите се над просекот, истакна Аризанкоски.

Нагласи дека во просек на месечно ниво се испраќаат околу 93.500 смс пораки кон пациентите, а од почетокот на воведување на таа новина, испратени се 711.500 смс пораки. Исклучително е важно, како што рече, матичните доктори внимателно да ги евидентираат телефонските броеви на пациентите, со цел да бидат уредно и навремено известени за закажаните термини.

– Во случај пациентите однапред да знаат дека нема да бидат во можност да се јават на закажаниот преглед, овозможена е опција со јавување на бројот 15444, или праќање смс порака на бројот 144 194 да го откажат закажаниот преглед. Процентот на пациенти кои не се појавиле на закажаниот специјалистички преглед (претходно не го откажале терминот) изминатите три месеци изнесува 23 отсто односно 245.800 пациенти, потенцира Аризанкоски.

Најмногу пациенти не дошле на закажаниот термин во Клиничка болница – Тетово – 9.700 пациенти, Клиничка болница „Д-Р Трифун Пановски“ – Битола – 9.600 пациенти, Општа болница – Прилеп 9.145 пациенти, Градска општа болница „8 Септември“ – 7.700 пациенти, Општа болница – Куманово 7.600 пациенти.

Аризанкоски појасни дека од нив е побарано да почнат со телефонско контактирање на сите пациенти со цел навремено откажување на термините и нивно рационално искористување за оној на кој најмногу му треба. Додаде дека особено е важно пациентите да го откажат терминот доколку се сигурни дека нема да можат да дојдат на прегледот.

МИА