Успешно изведена првата минимално-инвазивна интервенција на Клиниката за кардиохирургија

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Универзитетската клиника за државна кардиохирургија каде првпат беше изведен минимално-инвазивен зафат.

Тимот македонски и српски лекари кој синоќа ја изврши интервенцијата, беше предводен од словенечкиот примариус д-р Миладин Ѓоргевиќ.

Направена е замена на валвула со рез два до три пати помал од вообичаениот во кардиохирургијата. Пациентката стара 73 години, се чувствува добро и веќе се опоравува.

– Со воведувањето на овој метод, Клиниката за кардиохирургија, иако најмлада, направи крупен исчекор во подобрувањето на нивото и квалитетот на здравствената услуга, изјави министерот, изразувајќи голема благодарност до лекарите, особено, како што рече, за нивниот професионализам.

Професорот од Словенија веќе 15 години го применува минимално-инвазивниот кардио-хируршки зафат. Предноста, објасни, е во тоа што траумата и крварењето при вакви интервенции се помали, мобилизацијата е побрза, а рехабилитацијата е подобра и пократка.

– Ваквите зафати се почести кај возрасни луѓе, но се применуваат и кај млади лица. Во последно време, повеќето пациенти се постари, над 75 години, со оглед дека кај нив дегенерирањето на залистокот на аортата е почест. Во Словенија 13 отсто од овие пациенти се постари од 80 години, нагласи д-р Ѓоргевиќ.

Според него, пациентката што синоќа беше оперирана, подолго време имала проблеми со срцевиот залисток и било крајно време да се интервенира.

Македонските лекари кои беа дел од тимот наскоро ќе заминат на субспецијализација во загребската болница „Ребро“. Се разговара и за нивна дополнителна едукација во институциите во кои работи професорот Ѓоргевиќ.

Министерот Тодоров информира дека синоќешниот зафат е 35-ти на Клиниката за државна кардиохирургија која во однос на интервенциите, годинава ја почна согласно планот, а така беше завршена и претходната, 2014-та, со околу 30.

– Оваа година Клиниката ќе биде преселена во новите простории. Потребната опрема вредна околу 1,5 милион евра е веќе набавена, подвлече министерот Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.