Успешно завршена обука на 22. пекари и бравари во кумановскиот затвор

На свеченото доделување на уверенијата присуствуваа министерот за образование и наука Пиштар Љутфиу, постојаниот претставник на УНДП Лујза Винтон, директорот на Управата за извршување санкции Лидија Гаврилоска, директорката на затворот Куманово Соња Цветковска и претставници на средните училишта „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“ од Куманово.

Директорката на Кумановскиот затвор Соња Цветковска во поздравниот говор рече дека овој затвор е прв во државава, ако не и во регионот каде што успешно заврши обуката на осудените лица по што тие ќе можат успешно да се вратат во средината.

– Осудените лица максимално се вложија и сериозно го прифатија едукативниот процес така што им честитаме за успешно завршената обука, рече Цветковска.

Министерот за образование Љутфиу истакна дека согласно националните закони кои се стремат кон еднакви услови за образование на сите лица МОН и Управата за извршување на санкции со поддршка на Програмата за развој на ОН започнаа со реализација на овој прв циклус на стручни обуки во казнено-поправната установа затвор Куманово.

– Како резултат на постигнатите резултати од овие први обуки неодамна започнаа да се реализираат и вторите во затворот Куманово за пекар и аргон заварувач. Напоредно започнаа да се реализираат обуки и во затворот Штип каде се одвиваат обуки за готвач, бравар и аргон заварувач, изјави министерот Љутфиу.

Тој се надева дека и во иднина ќе продолжи овој вид соработка и ќе стане редовна пракса и во останатите казнено-поправни установи.

Постојаниот претставник на УНДП Лујза Винтон посочи дека се особено горди што УНДП е вклучен во обуките со останатите партнери од МОН и од Управата за извршување на санкции. Обраќајќи им се на осудените лица кои денеска се стекнаа со уверенија рече дека нивното учество во оваа активност позитивно влијаела на целолкупната атмосфера во установата и дека со позитивниот пример што го покажале помогнале во продолжување и проширување на Програмата.

– Се надеваме дека вештините со коишто се стекнавте ќе ви помогнат полесно да најдете работа или да отворите сопствен бизнис по истекот на казнената мерка, рече Винтон.

Таа информираше дека и други 23 лица се вклучени во вториот циклус на обуки во Куманово, а шест од сегашните учесници ќе добијат дополнителна обука за аргон заварувач.

Директорката на Управата за извршување санкции Лидија Гаврилоска истакна дека оваа установа со поддршка на Владата на Република Македонија во изминатиот период презела значајни реформски активности во подобрување на сместувачките капацитети на осудените и притворените лица, но и во областа на третманот и ресоцијализацијата. Таа потсети дека Владата во 2015 година ја усвоила Националната стратегија за развој на пенетерцијарниот систем во Македонија 2015-2019 и оти една од стратешките цели на која ќе се посвети внимание е воспоставување одржлив систем за обука подзанимања на осудените полнолетни и малолетни лица.

– Организирање на образовен процес за дооформување на започнатиот степен на основно или средно образование во казнено-поправните и воспитно-поправните установи ќе овозможи позитивно влијание врз личноста, семејствата и заедницата и ќе го намали ризикот од однесување спротивно на законот. Стручните обуки за занимања кои започнаа да се спроведуваат за осудените лица во текот на издржувањето на казната затвор ќе овозможат вклучување на пазарот на трудот и конкурентноста на пазарот со отпуштањата од казнено-поправната установа, рече Гаврилоска.

Директорките на училиштата „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“ чиишто тимови непосредно се вклучија во обуката на осудените лица, Лидија Михајловска и Весна Трајковска, изразија благодарност до инволвираните субјекти за реализација на овој, како што нагласија, успешен проект и им посакаа успех на осудените лица.