Македонија

Уставен ќе ја соопшти конечната одлука за распуштањето на Собранието

Уставен ќе ја соопшти конечната одлука за распуштањето на Собранието

Уставниот суд на денешната седница треба да донесе конечна одлука дали одложеното распуштање на Собранието на Република Македонија е противуставно или не.

На седницата пред една недела Судот изрази сомневање за одлуката и едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 година и на Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Од Судот велат дека ова значи оти актите и дејствијата што произлегуваат од овие одлуки треба да се запрат.

Парламентот истиот ден (на 18 мај) одржа седница на која беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите кои беа закажани за 5 јуни.

Судијата известител Исмаил Дарлишта на седницата истакна дека оспорената одлука е противуставна, бидејќи со неа се доведуваат во прашање владеењето на правото и правната сигурност и предложи Уставниот суд да поведе постапка.

Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева рече дека ќе направи преседан и ќе гласа за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одлуки, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа државата, која е доста специфична и во која органите се наоѓаат во функционална блокада.

Иницијативата ја поднесе пратеникот на ДУИ Талат Џафери, за која од Уставниот суд посочуваат дека има целосно нови елементи и оти за овој предмет има нова анализа.

Уставните судии во февруари годинава веќе расправаа и ја отфрлија Иницијативата на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, за одложеното распуштање на Собранието.